Во тек е изработката на студија за изводливост и еколошка студија, а проектот веќе бил презентиран пред Европската инвестициска банка и Европската банка за обнова и развој
Почетокот на изградбата на експресниот пат што ќе ги поврзе Кочани, Виница и Делчево, со клучка за Македонска Каменица, се очекува кон крајот на летото или почетокот на есента 2027 година. Ова денеска го најави премиерот Христијан Мицкоски при посетата на Делчево.

Одговарајќи на новинарски прашања во однос на трасата, Мицкоски рече дека по јавната расправа е избрана една од двете разгледувани варијанти, а веќе е поднесена и апликација пред меѓународните финансиски институции за финансирање на проектот.
Во тек е изработката на студија за изводливост и еколошка студија, а проектот веќе бил презентиран пред Европската инвестициска банка и Европската банка за обнова и развој.
„Станува збор за експресниот пат што треба да ги поврзе Кочани, Виница и Делчево, со клучка за Македонска Каменица. На јавната расправа беа разгледани две варијанти, од кои едната е избрана. Во тек е изработката на студија за изводливост и на еколошка студија, а веќе разговараме и со потенцијални финансиски институции. Јас и вицепремиерот и министер за транспорт го претставивме проектот пред Европската инвестициска банка и Европската банка за обнова и развој. Апликацијата е веќе поднесена“,
рече тој.
Според најавите на премиерот, студиите и концептите за избраната варијанта треба да бидат завршени напролет, по што се очекува да следат следните фази за реализација на проектот.
„Ако сè оди според очекувањата, напролет би требало да бидат завршени студиите и концептите за избраната варијанта. Очекувам камен-темелникот да биде поставен кон крајот на летото или на почетокот на есента во 2027 година. Со тоа, сметаме дека ќе се заокружи една целина што значително ќе ја подобри поврзаноста на жителите од овој дел на Македонија со останатите делови на државата“,
кажа премиерот.
Мицкоски најави и други инфраструктурни активности во регионот.
Од понеделник треба да започне реконструкцијата на патниот правец од Делчево до граничниот премин со Бугарија, а завршена е и тендерската постапка за санација на мостот на излезот од Делчево кон Македонска Каменица и Кочани.
Премиерот, заедно со министерот за здравство Сашо Клековски и министерот за спорт Борко Ристовски, денеска изврши увид и во градежните активности на Здравствениот дом „Гоце Делчев“, како и во почетокот на реконструкцијата на градската спортска сала во Делчево.
