Тековното кастрење во третата недела на садниците со канабис сатива е дел од сложениот процес на одгледување на оваа култура. Животниот циклус овде им започнува со клонирање. Растат во строго контролирани услови, се хранат и наводнуваат под посебен режим. Ако се работи според стандарди, бербата доаѓа за кратко време.
„Нашата цел е да имаме што повеќе берби во текот на годината. Светлата кои ги користиме и сите услови кои ги контролираме ни даваат да имаме повеќе берби во текот на годината.“, вели Ангелина Бабамовска агроном во НЈСК Холдинг.
Целта е да се стигне до сув цвет. Oстатоците треба да се третираат како медицински отпад. Ова е само една од просториите, т.н. соби, на НЈСК Холдинг – компанија која во дел од напуштените хангари на „Охис“, пред две години имплементираше затворен систем за производство и екстракција на канабис за медицински цели.
Инвестицијата вклучува простории приспособени за различни фази од развојот на растението.
„Ги испитуваме сите фази на производство исклучиво во моментот за наша употреба.“, вели Ирина Брчина – специјалист по испитување и контрола на лекови.
По бербата, материјалот се складира во магацин и чека екстракција на масло.
Ова е една од 20-те фирми со лиценца за одгледување канабис. Пет од нив имаат дозвола и за производство на ексктракти од канабис за медицински цели од Агенцијата за лекови и медицински средства „Малмед“.
Но, од најавуваниот милионски бизнис со „канабис револуцијата“, инвеститорите засега имаат само полни магацини. Каде е проблемот?
„Лиценцата не е воопшто проблем, проблем се стандардите што треба да ги имплементираме.“, вели Костадин Дуковски – претседател на Здружението на производители на канабис за медицински цели „Макканабис“.
Дуковски ги повикува сите компании заедно да бараат решение за застојот. Тој вели дека „Реплек“ е единствената фирма во земјава што може да го откупи сувиот цвет или маслото. За продавање на суровините на домашниот пазар нема проблем, бидејќи сите фирми од оваа област имаат македонска лиценца за добра производствена пракса. Но, потребите на „Реплек“ за домашниот пазар брзо се заситуваат, а за извоз во странство важат други правила. Сите потенцијални купувачи од странство бараат фирмите да имаат исполнето европски стандард за добра производствена пракса. Дури и Реплек да сака да ги извезе нивните производи – не може, ако фирмите ја немаат европската лиценца.
„Би апелирал Владата малце повеќе да се ангажира во делот на прифаќањето, бидејќи нашето законодавство е усогласено со европското.
-Барате да се признае македонското GMP за да можете да извезувате?
Нормално, нормално. Кога ќе видите, ние ги исполнуваме сите услови и во самото решение за ГМП-тоа се вика добра производна пракса, пишува „согласно ЕУ директивите“. Значи, сепак, треба да се направи некое контролно тело или да се ангажира подобра комисија која ќе биде акредитирана од европското законодавство за да можеме да ги имплементираме тие стандарди. Тие за нас се многу недостапни, збориме за една имплементација со ЕУ или Фармакопеја да се усогласиме можеби две години ќе ни требаат. Еве, Реплек конкретно, има оглас пуштено, бара ГМП-услови, никој не ги исполнува тие стандарди моментално во Македонија.
-Зошто е проблем да го исполните?
Тоа се многу сериозни инвестиции, дел од фирмите немаат пари, дел од фирмите да речеме што имаат некоја визија, колку да земат лиценца, ќе ја земат лиценцата и тука настануваат веќе проблемите.“ тврди Дуковски.
Проблем со европските стандарди имаат и во фирмата „Оаза Алкалоиди“ од Штип.
„Бидејќи нормално не сме членка на ЕУ се уште, нема такви агенции, нема такви тела, МАЛМЕД не го спроведува и не го аудитира тој стандард и ние сите сме приморани да бараме излез во агенции надвор од границите на Република Македонија кои се многу временски захтевни, аплицирањето, за да они дојдат трае повеќе од три месеци и искрено кажано се драстично поскапи од македонските тела кои вршат инспекциски надзор.
-Ова го немавте в предвид кога инвестиравте?
Ние го имавме на некој начин в предвид, меѓутоа сепак во нас нешто веруваше дека можеби ќе поминеме со македонските регулативи. За жал, не е така. Во прво време би помогнало многу регулативата за извоз на цвет, да пробаме тој цвет што го имаме на залихи да го продадеме на потенцијални клиенти кои ќе го искористат како во фармација, така да го искористат за рекреативно пушење во тие земји каде тоа е дозволено. Тоа ќе помогне доста да се испразнат пробни количини што е произведено.“, вели Божидар Кошча, раководител на компанијата Оаза Алкалоиди – Штип.
Прашавме и во Владата за очекувањата на фирмите што се во овој бизнис. Дали државата може да помогне на некаков начин? Одговор не добивме.
Во меѓувреме, останува прашањето кој го контролира производството во земјава?
Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанци дефинира кои институции се надлежни за надзор на одгледувањето канабис за медицински цели. Формирана е владина меѓуресорска комисија во која членуваат претставници од повеќе институции, на чело со Министерството за здравство. Ова министерство е должно да врши контрола врз производството и прометот, а меѓу другото да ги известува и меѓународните организации за увозот и извозот на опојните дроги. Паралелно, и Министерство за земјоделство, според законот, врши надзор кај овластените производители на семенски материјал од афион или коноп, ја контролира сеидбата на канабисот, самото производство, а врши надзор пред и по жетвата. Дали и како ова се спроведува во пракса, прашавме, но не добивме одговор од ресорот земјоделство.
360 степени праша во министерството за здравство колку сува маса пријавиле одгледувачите на канабис во изминативе две ипол години, нешто на кое ги обврзува законот. Побаравме извештај за бројот на посети на фирмите, локација и датум кога е извршена контролата и тоа од периодот на садење па се до берба на канабисот. Од здравство не упатија да го почекаме извештајот на којшто работи надлежната комисија, велат дека ќе биде готов до 30 јуни.
Соочени со бариерата за извоз, од Здружението на фирмите-одгледувачи на канабис надежта ја гледаат во помош од Владата. Велат дека наскоро ќе побараат и официјална средба. Ако работите не мрднат, велат дека дел од фирмите дефинитивно ќе згаснат. А со тоа ќе згасне и надежта за економски марихуана-бум.