Перински, заедно со ексгенералниот секретар на Град Скопје, Ѓоко Велковски, двајцата кадри на ВМРО-ДПМНЕ, беа разреши бидејќи Арсовска ги обвини за самоволие и сомнежи за влијание во тендер за пречистителна станица во Скопје. Оттогаш, јавноста секојдневно сведочи на прозивки и обвинувања на релација Арсовска – ВМРО-ДПМНЕ
Кабинетот на градоначалничката Данела Арсовска ревидира зошто поранешниот директор на Јавното претпријатие (ЈП) „Водовод и канализација“, Златко Перински, за неколку месеци вработил 100 лица.
„По најава пред еден месец за вонредна ревизија на вработувањата кои ги склучил ексдиректорот на ЈП ’Водовод и канализација‘ Скопје, Златко Перински, покажа дека речиси 100 лица се нововработени за неколку месеци. Градот Скопје нема да толерира расипничко однесување кое претставува дополнителен товар врз буџетот во услови на економска и енергетска криза. Од тие причини се ревидира оправданоста на новите вработувања во ’Водовод и канализација‘“,
велат од кабинетот на Арсовска.
Нема да дозволиме, велат оттаму, средствата на граѓаните да се трошат за вдомување партиски кадри и нема да се дозволи корупција, непотизам и остварување на лични и теснопартиски интереси.
Перински, заедно со ексгенералниот секретар на Град Скопје, Ѓоко Велковски, двајцата кадри на ВМРО-ДПМНЕ, беа разреши бидејќи Арсовска ги обвини за самоволие и сомнежи за влијание во тендер за пречистителна станица во Скопје.
Оттогаш конфронтацијата на партијата со градоначалничката, со која досега меѓусебно се поддржуваа, продолжи секојдневно. Уште двајца директори на скопските јавни претпријатие од редовите на ВМРО-ДПМНЕ ја напуштија Арсовска – Бојан Христовски од „Градски паркинг“ и Јане Мицевски од „Дрисла“.
Жестока беше и расправијата на денешната седница на Советот на Град Скопје, на која советниците од ВМРО-ДПМНЕ ја обвинуваа Арсовска за неработење, неисполнување на ветувањата итн. Таа, пак, дојде само на почетокот на седницата и со остар речник го нападна лидерот на партијата Христијан Мицкоски велејќи дека тој „никогаш нема да излезе од тендер-матрица“, но и дека „му ги фатила директорчињата со рачињата во мед“, а го повика и да не се крие и да си даде оставка.