Лицето кое го предизвикало пожарот, заедно со еден пожарникар и припадник на ангажираните општински служби, вдишале поголема количина чад додека се обидувале да го локализираат огнот, поради што превентивно се пренесени на лекарски преглед

Делчевското село Бигла е ново на списокот на места во и околу кои беснеат шумски пожари, откако денеска еден негов жител палел гуми во својот двор, но изгубил контрола врз огнот, кој се проширил кон блиската борова шума. Оваа информација ја објави Стојанче Ангелов, директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, во видеообраќање до јавноста.
Како што изјави тој, веднаш по пријавата биле ангажирани сите расположливи сили во Делчево, а била побарана и помош од противпожарните единици на соседните градови. Исто така, и трите противпожарни авиони на ДЗС се упатиле кон ова село.
„Неодговорно лице палело гуми во својот двор во селото Бигла, кое е село од разбиен тип, односно куќите се распоредени на неколку ридови. При тоа, лицето изгубило контрола врз огнот, по што пожарот се проширил во блиската шума. Во моментов во Бигла има голем шумски пожар во борова шума. Од страна на градоначалникот веднаш се ангажирани сите расположливи сили од Делчево. На терен се излезени пожарникари, а побарана е помош и од соседните противпожарни единици. Во моментов кон местото на пожарот се упатуваат и три ‘ертрактори’ од Дирекцијата за заштита и спасување, а веќе е ангажиран и хеликоптер на полицијата“,
рече Ангелов во видеото.
Тој додаде дека се прават максимални напори за пожарот да биде ставен под контрола. Општината, како што рече, ангажирала тешка механизација, трактори и булдожери, кои треба да направат противпожарни пресеци меѓу огнот и селото, за да не се загрозат куќите.
Во меѓувреме, лицето кое го предизвикало пожарот, заедно со еден пожарникар и припадник на ангажираните општински служби, вдишале поголема количина чад додека се обидувале да го локализираат огнот, поради што превентивно се пренесени на лекарски преглед.
Ангелов рече дека се упатува кон местото и најави повеќе информации подоцна.
