Лицата се здобиле со повреди од истрелите и итно биле пренесени во старата градска болница „Св. Наум Охридски“ во Скопје за укажување лекарска помош

Две лица биле повредени утрово во скопското село Арачиново во инцидент со огнено оружје.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи (МВР), настанот бил пријавен денеска во 5:45 часот во СВР Скопје, откако жители пријавиле дека на улицата „18“ во село Арачиново се слушаат истрели.
Веднаш по пријавата, полициски службеници од Полициското одделение Арачиново и Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје излегле на терен. На местото на настанот било утврдено дека од огнено оружје било пукано во патничко моторно возило „шкода“ со скопски регистарски ознаки.
Во возилото во моментот на нападот се наоѓале лицата И.И. (34) и Ш.И. (42). Двајцата се здобиле со повреди од истрелите и итно биле пренесени во старата градска болница „Св. Наум Охридски“ во Скопје за укажување лекарска помош. Од полицијата информираат дека се преземаат сите потребни мерки и активности за целосно расчистување на случајот.
