Анализата е направена врз основа на мерењата и набљудувањата на метеоролошките станици во Република Северна Македонија. Средномесечната температура во јули се движела од 18 степени во Маврово, до 27,2 степени во Гевгелија

Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) соопшти дека месецот јули годинава бил просечно топол и просечно врнежлив во споредба со многугодишните просечни вредности, од 1991 до 2020 година, на ниво на држава.
Анализата е направена врз основа на мерењата и набљудувањата на метеоролошките станици во Република Северна Македонија. Средномесечната температура во јули се движела од 18 степени во Маврово, до 27,2 степени во Гевгелија.
„Споредено со просечните јулски средномесечни температури, за триесетгодишен период (1991-2020), годинашната температура беше просечна на ниво на држава. Највисоката максимална температура во државата беше измерена на 20 јули во Гевгелија и изнесуваше 39,5 степени. Најниската минимална температура во текот на месецот беше измерена во Берово, на 10 јули, и изнесуваше 4,6 степени“,
соопшти УХМР.
Од УХМР велат дека на 21 јули бил регистриран екстремно силен ветер, со појава на оркански удари на повеќе мерни места. Во Штип бил регистриран најголемиот максимален удар со брзина на ветерот од 134 километри на час со правец запад-северозапад, додека во Скопје – Зајчев Рид ветерот бил со максимален удар со брзина од 130 километри на час со правец север-северозапад.
„Месечната сума на врнежи во државата во јули 2026 варираше од 14 мм во Охрид до 60 мм во Крива Паланка. Врнежите беа од дожд и град. Максимално дневно количество на врнежи од 27 мм беше регистрирано во Крива Паланка на 2 јули. Споредено со јулската просечна вредност за многугодишен период (1991-2020), измерената месечна сума на врнежи беше просечна на ниво на држава“,
велат од УХМР.
