Бугарски обвинители денеска пристигнаа во Скопје за да ги земат ДНК-анализите од роднините на загинатите. Јовески денеска упатил и замолница до властите во Бугарија во утврдувањето на идентитетот на починатите да се вклучат и двајца претставници од Институтот за судска медицина со цел да се забрза процесот на идентификација
Информацијата дека во изгорениот автобус во Бугарија е пронајдено уште едно тело, бугарските обвинители му ја потврдиле и на државниот обвинител Љубомир Јовески кој вели дека јавноста не треба да има никаков сомнеж во овој дел.
„Апсолутно сум уверен дека нема никаков сомнеж во пронаоѓањето уште едно тело во изгорениот автобус, затоа што и од сликите што вие ги видовте станува збор за големи оштетувања. Автобусот од местото на несреќата е пренесен на друго место каде што се издадени наредби за соодветни вештачења во делот на неговата техничка исправност, во делот на избувнувањето на пожарот и притоа во дел на автобусот е најдено уште едно тело. Според тоа ја уверувам јавноста да нема никаква сомнеж во овој дел. Тоа ми го потврдија обвинителите на Република Бугарија и според тоа овој факт треба да сметаме дека апсолутно не е спорен“,
изјави Јовески.
Осмиот преживеан патник, вели Јовески, го споменува само еден од преживеаните, додека и записите од болницата во Софија упатуваат на тоа дека таму на лекување биле примени седум патници.
За жал, не постои осми преживеан патник, туку пронајдено е уште едно тело, денеска изјави и заменик-главниот обвинител на Бугарија, Борислав Сарафов.
„За жал, мистеријата е решена. Пронајдено е 45-то тело. При увид се пронајдени останки од дете. Не постои осми патник што се спасил во несреќата. Трагичната ноќ во 21:15 часот ноќ преку граничниот премин ’Капитан Андреево‘ влегле 52 патници, од нив 45 се пронајдени во автобусот, седум се во болницата ’Пирогов‘. За жал, нема уште еден спасен во несреќата“,
изјави Сарафов за бугарската „Нова“.
Инаку, денеска во Северна Македонија пристигнаа претставници на бугарското обвинителство, кои како што рече Јовески, ќе ги земат ДНК-анализите од роднините на починатите, како и документацијата што ја обезбедило нашето обвинителство од „Беса транс“, за регистрацијата на автобусите, како и податоците од Министерството за транспорт и врски.
Денеска Јовески упатил и замолница до властите во Бугарија во утврдувањето на идентитетот на починатите да се вклучат и двајца претставници од Институтот за судска медицина со цел да се забрза процесот на идентификација.