Јавниот обвинител, Љубомир Јовески, ги задолжи Вишите и Основните јавни обвинителства во постапувањата приоритет да се дава на предмети кои се однесуваат на кривични дела поврзани со актуелната ситуација и коронавирусот.
Во соопштението се наведува веднаш да се земаат во работа кривичните пријави пропишани во Кривичниот законик кои се однесуваат на пренесување заразна болест, непостапување според здравствени прописи за време на епидемија, несовесно лекување на болни, неукажување на медицинска помош, спречување службено лице во вршење службено дејствие, напад на службено лице при вршење на работи на безбедност, организирање на отпор, кривични пријави од надлежни институции во врска со донесените одлуки, мерки и препораки од други надлежни институции за справување со појавата и ширењето на коронавирусот.
„Дежурствата да се остваруваат согласно донесените распореди, а доколку треба да се преземат повеќе дејствија се ангажираат и други јавни обвинители и административен персонал. Утврдува кои конкретни работи и задачи (проучување на предмети, изготвување одлуки или други административни работи) можат да се извршуваат надвор од службените простории на Јавното обвинителство и одобрува работите да се извршат од дома“,
стои во соопштението.
Понатаму се вели дека Јавното обвинителство води евиденција за одобренијата и дејствијата за вршење на задачите од дома, а извршувањето на работите од дома се засметува како време поминато на работа.
„Јавниот обвинител или административниот службеник при извршувањето на работите од дома, должен е цело време да биде достапен и на повик од Јавното обвинителство да се врати во службените простории. Непочитувањето на правилата за извршување на работа од дома, повлекува дисциплинска одговорност. Јавниот обвинител на Јавното обвинителство со оглед на новонастанатата состојба, одобрува кои дејствија не се итни и нема за овој период да се извршуваат, туку по создавањето на редовни услови за нивно преземање“,
соопштува Јовески.
Пред влегувањето на странките и другите учесници во постапката во објектите на Јавните обвинителства, задолжително се применуваат мерките за дезинфекција и здравствена заштита. Задолжителното упатство донесено врз основа на член 20 и 25 од Законот за јавното обвинителство стапува на сила веднаш.
*ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Јовески упати задолженија до јавните обвинители во Кичево, Дебар и Гостивар