Изјавата на Јовановски е реакција на вчерашната наводи на министерот за локална самоуправа Ристо Пенов, кој во гостување на Сител рече дека Владата има механизам за запирање на блокадата на главниот град од приватните превозници и дека нивните автобуси може насилно да бидат тргнати од улиците
Ако некој мотивира насилство во демократска држава каде што протестите се уставно загарантирано право, тогаш тоа треба да загрижи многу фактори во и надвор од државата, вели во изјава за МИА директорот на здружението на приватни превозници „Слобода превоз“, Ленин Јовановски.
Изјавата на Јовановски е реакција на вчерашната наводи на министерот за локална самоуправа Ристо Пенов, кој во гостување на Сител рече дека Владата има механизам за запирање на блокадата на главниот град од приватните превозници и дека нивните автобуси може насилно да бидат тргнати од улиците.
„Протестите се законски најавени и ако мислат дека нешто е погрешно и можат да направат нешто, тоа нека го направат“,
вели директорот на „Слобода превоз“.
Министерот за локална самоуправа, Пенов, во синоќешното гостување во „Дневникот“ на ТВ Сител рече дека Владата има механизам за запирање на блокадата на главниот град од приватните превозници, но засега само се следи ситуацијата.
„Еве, да се исцрпат сите можности за разрешување на проблемот, па Владата презема мерки, затоа што веќе не е само облигациониот однос и долгот од 1 милион кон приватните превозници. Веќе имаме раскинување на нивниот договор. Тие и да го добијат долгот се исклучени од натамошна работа и не верувам дека со исплата на долгот ќе престане протестот“,
рече Пенов.
Според него, протестот и блокадите не се насочени ниту кон ЈСП, ниту кон градоначалничката Данела Арсовска, туку кон граѓаните. Ако долгот е еден милион, тогаш штетата од блокадите само денеска е еден милион, посочи Пенов.
Министерот е дециден дека ова е политички протест, како што беше протестот на „Гласот на светлината“, бидејќи има начин долгот кон приватните превозници да се исплати.
Пенов, кој е и поранешен градоначалник на Скопје, денеска од Струмица изјави дека скопјани трпат преголема штета поради блокадите на приватните превозници. Протестот, според него, треба да биде насочен кон други, а не граѓаните да ги плаќаат последиците.
Во Скопје денеска втор ден приватните превозници поради долгови од Градот ги блокираат клучните раскрсници, додека од градоначалничката Данела Арсовска досега немаше реакција. Превозниците бараат да им се исплатат долговите, а Арсовска изминатиот период порача дека тоа се долгови направени од претходните градоначалници и им порача да протестираат пред штабовите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Со приватните превозници „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ ги раскина договорите поради, како што тврди, непочитување на одредбите од нив.