По примопредавањето на функцијата, во изјава за медиумите Џафери му посака здравје и успешна работа на Митрески, кој досега беше координатор на пратеничката група на СДСМ. Рече дека не се сомнева оти новиот собраниски спикер соодветно ќе одговори на функцијата и на должноста и одговорноста што произлегуваат од неа
Откако пратениците денеска го избраа за собраниски претседател, Јован Митрески попладнево и официјално ја презеде функцијата од својот претходник и мандатар на идната техничка влада, Талат Џафери.

По примопредавањето на функцијата, во изјава за медиумите Џафери му посака здравје и успешна работа на Митрески, кој досега беше координатор на пратеничката група на СДСМ. Вели дека не се сомнева оти Митрески соодветно ќе одговори на функцијата и на должноста и одговорноста што произлегуваат од неа.
Новиот собраниски спикер, пак, соработката со Џафери ја оцени како добра и посочи дека по случувањата во април 2017 година било овозможено нормално функционирање на парламентот.

Митрески ја искористи можноста за уште еднаш да им се заблагодари на пратениците за укажаната доверба.
„Секако, останувам отворен за соработка и за оние пратеници кои не ја дадоа довербата, можам да кажам дека имаат подадена рака, сè додека чувствувам, додека гледам, слушам дека тоа е исклучиво во интерес на граѓаните и државата, бидејќи на крајот ние сме избрани од граѓаните и наш врвен приоритет треба да ни бидат граѓаните и државата“,
порача Митрески по примопредавањето на функцијата собраниски спикер.
Предлогот Митрески да биде избран за нов претседател на Собранието претходно денеска беше поддржан од 64 пратеници од вкупно 104 кои гласаа. Против предлогот гласаа 40 пратеници, а воздржани немаше. По ова, новоизбраниот спикер положи заклетва и седна на спикерското столче.