Предлогот Митрески да биде избран за нов претседател на Собранието беше поддржан од 64 пратеници од вкупно 104 кои гласаа. Против предлогот гласаа 40 пратеници, а воздржани немаше
Собранието на денешната пленарна седница ги констатира оставките на премиерот Димитар Ковачевски и на претседателот на Собранието Талат Џафери, по што следуваше избор на нов претседател на Собранието. За оваа функција, на предлог на 65 пратеници од пратеничката група на СДСМ и коалицијата, беше номиниран пратеникот Јован Митрески од парламентарното мнозинство.
Пратеникот Мартин Костовски од СДСМ, во образложувањето на предлогот, истакна дека станува збор за професионалец, одговорна личност и човек пред сè. Митрески, рече Костовски, како пратеник и координатор на пратеничката група на СДСМ во изминатиот мандат активно беше вклучен во унапредување на ефективноста, транспарентноста и демократскиот капацитет на Собранието.
Митрески е роден на 20 ноември 1980 година во Струга. Дипломирал во 2004 година на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Климент Охридски“, а кариерата ја почнал во родниот град. Во 2014 година почнал професионално да се занимава со политика и оттогаш е пратеник во македонскиот парламент.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Никола Мицевски, пак, во своето излагање пред пратениците истакна дека Митрески нема да ја добие нивната поддршка бидејќи, како што рече, тој бил дел од парламентарното мнозинство во чиј мандат Собранието од законодавен дом било претворено во меѓупартиски и меѓукоалициски дом.
„Кандидатот за претседател нема да ја добие нашата поддршка. Колку и да се обидуваат да поправат нешто на крајот, залудно е. Нема да го поправат ова што го правеа во последните шест години. Било добро и лошо во минатото, но никогаш не било полошо“,
рече Мицевски.
Предлогот Митрески да биде избран за нов претседател на Собранието беше поддржан од 64 пратеници од вкупно 104 кои гласаа. Против предлогот гласаа 40 пратеници, а воздржани немаше.
По ова, новоизбраниот спикер положи заклетва и седна на спикерското столче.
Тој кусо се заблагодари за поддршката, како и на Џафери за успешното менаџирање на Собранието заедно со генералниот секретар Цветанка Иванова.
Ковачевски и Џафери оставките ги поднесоа вчера како вовед во процесот за избор на техничката влада на 28 јануари, сто дена пред парламентарните избори кои ќе се одржат на 8 мај.
Мандатот на Џафери за состав на влада, како што информираа од кабинетот на шефот на државата, претседателот Стево Пендаровски ќе му го врачи денеска.
„Претседателот Стево Пендаровски, денеска – 26 јануари 2024 година, петок, во 15:00 часот, ќе му го врачи мандатот на Талат Џафери за состав на преодна влада за спроведување на избори на пратеници“,
се наведува во соопштението од Кабинетот на претседателот.