Денеска и шефот на бугарската дипломатија Иван Кондов на брифинг со новинарите соопштил дека Министерството за надворешни работи на Бугарија е во процес на информирање на сите партнери за случајот со Ковачев. Како што изјавил, претстои испраќање на официјални писма од претседателот (на Бугарија, Румен Радев н.з.), претседателот на Народното собрание и од него до институциите на ЕУ. Вчера тој ја повикал амбасадорката на С Македонија во Софија, Агнеза Поповска, на средба во Министерството за надворешни работи на Бугарија во врска со случајот
Според потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова, Софија сè уште не добила задоволителен одговор од, како што вели, северномакедонските власти за случајот со бугарскиот европратеник Андреј Ковачев, кому на 6 јуни не му беше дозволен влез во земјава.
„Досега не добивме задоволителен одговор од северномакедонските власти што ја наметна забраната, кои се овие црни списоци во кои спаѓа бугарскиот европратеник. Верувам дека овој пат тоа е провокација не само кон Бугарија, туку и кон Европската Унија“,
ја пренесува БНТ изјавата на Јотова.
Како што пренесува медиумот, според Јотова, Бугарија строго ги исполнува обврските кон Скопје, што не е случај, како што рекла, со нашиот југозападен сосед.
Инаку, Јотова денеска на севечена церемонија му ги врачи бугарските лични документи на охриѓанецот Христијан Пендиков, секретар на сега затворениот бугарски клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид, кој на 19 јануари годинава беше нападнат и претепан во родниот град. Таа го потпиша указот за стекнување бугарско државјанство врз основа на неговото бугарско потекло.
Денеска и шефот на бугарската дипломатија Иван Кондов на брифинг со новинарите соопштил дека Министерството за надворешни работи на Бугарија е во процес на информирање на сите партнери за случајот со Ковачев.
„Министерството за надворешни работи е во процес на информирање на сите наши партнери за овој невиден чин, кој не се совпаѓа со декларираната намера на Скопје да работи на добрососедски односи и со преземените обврски. Претстои процесот на испраќање на официјални писма од претседателот (на Бугарија, Румен Радев н.з.), претседателот на Народното собрание и од мене до институциите на ЕУ“,
рекол Кондов, пренесува БНТ.
Вчера тој ја повикал амбасадорката на С Македонија во Софија, Агнеза Поповска, на средба во Министерството за надворешни работи на Бугарија,
Кондов на брифингот рекол дека нејзиното објаснување, како и пораката на Министерството за надворешни работи на РСМ, отстапува од известувањето доставено од граничните власти.
Вчера од Министерството за надворешни работи во Скопје преку писмeно соопштение образложија дека дел од петмина бугарски државјани на кои им било забрането да влезат во земјава на 6 мај, биле и лица за кои Министерството за внатрешни работи (МВР) имало сознанија оти претставуваат ризик по јавниот ред и безбедност.
Сепак, од МНР додаваат оти европратеникот Ковачев не е еден од нив, но надлежните служби донеле одлука да му го забранат влезот и нему поради групата со која патувал.
Македонската гранична полиција во саботата не им дозволи влез во земјата на бугарскиот европратеник од ГЕРБ, Андреј Ковачев, како и на Милен Врабески и уште тројца Бугари, кои како и секоја година тргнале да учествуваат на панихидата за починатите на бугарските воени гробишта во струмичко Ново Село.
Ваквиот потег наиде на осуда од еврокомесарот за проширување и добрососедска политика Оливер Вархеји и од лидерот на Европската народна партија (ЕПП), Манфред Вебер.
Претходно реакција стигна и од партијата на Борисов – ГЕРБ, од каде што соопштија дека за случајот ќе ги известат европските партнери и комесарот за проширување Оливер Вархеји. Од партијата рекоа дека станува збор за недозволиви мерки кои ги спровеле властите во Северна Македонија.
Во саботата реагираа од бугарското Министерство за надворешни работи, од каде што наведоа дека се разочарани од одлуката на властите во Северна Македонија да не им се дозволи влез во земјата на бугарскиот пратеник во Европскиот парламент, Андреј Ковачев, на претседателот на Фондацијата „Бугарска меморија“, Милен Врабевски, и на уште тројца бугарски државјани.
Македонското МВР викендов потврди дека на петмина бугарски државјани не им бил дозволен влез во земјава бидејќи не ги исполнувале условите според Законот за странци. Во објаснувањето од полицијата се наведува дека лица што ги навредуваат граѓаните и државата немаат право да влезат во земјава.