Бугарската страна ќе го покрене ова прашање официјално пред властите во Северна Македонија и со нашите меѓународни партнери бидејќи настаните од слична природа имаат негативно влијание врз добрососедските односи и напорите на бугарската страна насочени кон враќање на довербата и создавање позитивна клима за развој на билатералните односи, велат од бугарското МНР
Министерството за надворешни работи на Бугарија соопшти дека е разочарано од одлуката на властите во Република Северна Македонија да не им дозволат влез во земјата на бугарскиот пратеник во Европскиот парламент Андреј Ковачев, на претседателот на Фондацијата „Бугарска меморија“, Милен Врабевски, и на уште тројца бугарски државјани.
Во реакцијата наведуваат дека причините за одбивањето, поточно издадената забрана за влез во Северна Македонија, предизвикуваат конфузија.
„Во врска со денешниот невиден инцидент, Министерството за надворешни работи нагласува дека наведените тврдења за евроинтеграции на Северна Македонија бараат барем прекин на провокациите кон Бугарија, Бугарите и кон претставниците на европските институции. Бугарската страна ќе го покрене ова прашање официјално пред властите во Северна Македонија и со нашите меѓународни партнери бидејќи настаните од слична природа имаат негативно влијание врз добрососедските односи и напорите на бугарската страна насочени кон враќање на довербата и создавање позитивна клима за развој на билатералните односи“,
стои во соопштението од бугарското МНР.
Настанот на кој требало да учествуваат Ковачев и Врабевски е панихида во Ново Село по повод празникот Ѓурѓовден.
Од бугарското МНР наведуваат дека настанот со години традиционално се организира во Струмица од страна на Амбасадата на Република Бугарија во Скопје, Генералниот конзулат на Бугарија во Битола и Фондацијата „Бугарска меморија“.
Церемонијата вклучуваше заедничка богослужба меѓу двете православни цркви, на која присуствуваа претставници на воено-дипломатскиот кор во Северна Македонија, како и студенти од Бугарија. Бугарските воени гробишта во Ново Село се едно од 471 бугарски воени гробишта на територијата на Северна Македонија, кои беа обновени пред години токму со средства на Фондацијата „Бугарска меморија“,
се наведува во реакцијата.
Од македонското МВР, пак, соопштија дека денеска на петмина бугарски државјани не им бил дозволен влез во земјата бидејќи не ги исполнувале условите според законот за странци.
„Македонската полиција нема да дозволи, ниту сега ниту во иднина, никој да го нарушува јавниот ред и мир и да ги навредува и омаловажува граѓаните и државата и нема да биде дозволен влез на такви лица на територија на државата,“
соопшти МВР.
Европратеникот Ковачев во изјава за БГНЕС рекол дека е изненаден од забраната за влез бидејќи пред само неколку дена се сретнал со министерот за надворешни работи Бујар Османи, како и дека тие, ГЕРБ и лидерот на партијата Бојко Борисов прават сè што е можно за да се ослободи патот за Република Северна Македонија кон ЕУ.
„За жал, не смеев да одам на традиционалната прослава на Ѓурѓовден во струмичко Ново Село. Повеќе од 10 години на Ѓурѓовден одам во Ново Село, Македонија, на нашите бугарски воени гробишта. Оваа година повторно тргнав натаму и на мое големо изненадување и чудење, ни рекоа дека има одлука да не нè пуштат, но никому не објаснија кои се мотивите“
посочува Ковачев.