Денеска околу 11 часот на граничниот премин Ново Село, поради неисполнување на условите за влез во Република Северна Македонија, согласно законот за странци, не е дозволен влез на петмина државјани на Република Бугарија, соопшти МВР.
„Македонската полиција нема да дозволи, ниту сега ниту во иднина, никој да го нарушува јавниот ред и мир и да ги навредува и омаловажува граѓаните и државата и нема да биде дозволен влез на такви лица на територија на државата,“
нагласуваат од МВР.
Претходно, како што пренесе БГНЕС, спречени да влезат во земјава биле бугарскиот европратеник од ГЕРБ, Андреј Ковачев, Милен Врабески и уште тројца бугарски државјани кои тргнале да учествуваат на панихидата за починатите на бугарските воени гробишта во струмичко Ново Село.
„За жал, не смеев да одам на традиционалната прослава на Ѓурѓовден во струмичко Ново Село. Повеќе од 10 години на Ѓурѓовден одам во Ново Село, Македонија, на нашите бугарски воени гробишта. Оваа година повторно тргнав натаму и на мое големо изненадување и чудење ни рекоа дека има одлука да не нè пуштат, но никому не објаснија кои се мотивите“,
вели Ковачев за БГНЕС.
Тој вели дека е крајно изненаден и посочува дека пред само неколку ден се сретнал со министерот за надворешни работи Бујар Османи, како и дека тие, ГЕРБ и лидерот на партијата Бојко Борисов прават сè што е можно за да се ослободи патот за Република Северна Македонија кон ЕУ.
„Затоа, случајот е апсолутно нејасен за мене, ова е инерција од минатото, инерција во нивните служби затоа што нивната служба за безбедност има список со лица кои се непожелни за влез во Македонија. На политичко ниво ние не би требало да имаме никакви проблеми, особено не за такво нешто како што е одбележување на Ѓурѓовден“,
вели Ковачев.
Тој во изјавата за БГНЕС наведува дека досега никогаш немал проблеми и оти секоја година на Ѓурѓовден имало убава свеченост во Ново Село.