Претседателката на Бугарија се осврна и на претстојната седница на Европскиот парламент на која европратениците треба да дискутираат за извештајот за напредокот на Северна Македонија кон ЕУ. На седницата, според нејзините наводи, ќе има обид за отстранување на еден од текстовите што директно се однесува на работата на заедничкиот комитет кој работи неколку години според член 12 од Договорот за добрососедство
Претседателката на Бугарија, Илијана Јотова, го осуди палењето на двете дипломатски возила пред Амбасадата на Бугарија во Скопје, оценувајќи го за невиден инцидент. Таа го доживува инцидентот како напад врз Бугарија.

„Невиден инцидент. Палењето на дипломатските автомобили е напад врз бугарската држава, јас лично го прифаќам како напад врз Бугарија“,
изјави бугарската претседателка коментирајќи го инцидентот што вчера се случи во Скопје.
Јотова во изјава за медиумите се осврна и на претстојната седница на Европскиот парламент на која европратениците денеска и утре треба да дебатираат и да гласаат за извештајот за напредокот на Северна Македонија кон Европската Унија, подготвен од европратеникот Томас Вајц, кој на почетокот на месецов беше усвоен од Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ).
„Следните два дена ќе бидат исклучително важни бидејќи покрај дискусијата ќе има и гласање за резолуцијата. Имам алармантни сигнали од европратениците дека во последен момент ќе се обидат да отстранат еден од текстовите што директно се однесува на работата на заедничкиот комитет кој работи неколку години според член 12 од Договорот за добрососедство. На овој начин неговата работа и неговите заклучоци ќе бидат бесмислени“,
изјави претседателката на Бугарија.
