Во денешното соопштение од Обвинителството се наведува дека Комисијата изврши увид и ја попиша целокупната документација по предметите во предистражна постапка што се однесуваат на работењето на Управата за финансиска полиција и на станицата за технички преглед „Виа комерц“
Јавниот обвинител Трајче Пеливанов, кој времено раководи со Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција додека трае суспензијата на Вилма Русковска, донесе одлука за формирање четиричлена Комисија која треба да ја констатира состојбата со тековните предмети во Обвинителството.
Во денешното соопштение од Обвинителството се наведува дека Комисијата изврши увид и ја попиша целокупната документација по предметите во предистражна постапка што се однесуваат на работењето на Управата за финансиска полиција и на станицата за технички преглед „Виа комерц“ и согласно надлежностите предвидени во Законот за јавното обвинителство, предметот кој е оформен по поднесена анонимна кривична пријава против повеќе лица од Управата за финансиска полиција е презаведен и ѝ е даден на надлежно постапување на јавниот обвинител Лиле Стефанова од Одделението за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција.
Од ОЈО истакнуваат дека предметот за станицата за технички преглед „Виа комерц“ е распореден во работа кај јавниот обвинител Катерина Коларевиќ од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
„Постапувањето по овие предмети ќе продолжи непречено и јавните обвинители на кои сега им се доверени ќе ги преземат сите дејствија во согласност со Законот за кривична постапка за да ги проверат наводите во поднесените кривични пријави“,
се вели во соопштението.
Од ОЈО посочуваат и дека по останатите предмети во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција нема никаков застој во постапувањето.
„Јавниот обвинител Пеливанов во изминатите неколку дена одржа неколку колегиуми со јавните обвинители од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, се информираше за тековните прашања и ги презеде сите организациски и други надлежности во ова обвинителство“,
велат од ОЈО.
Исто така, согласно законските надлежности предвидени во член 28 од Законот за јавното обвинителство, јавниот обвинител на Република Северна Македонија ја започна постапката за вршење редовен надзор врз целокупното работење на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Со надзорот над законитото и навременото извршување на јавнообвинителската функција ќе биде направен увид во текот на постапките во ова обвинителство, информираат од ОЈО.
Случај „Виа комерц“
„360 степени“ за случајот со „Виа комерц“ пишуваше уште лани пред Нова година. Инспектори на МВР во август 2021 година предложиле привремено затворање на станицата за технички преглед поради серија констатирани недостатоци, а министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски го сторил тоа дури во ноември, три дена по трагедијата на автобусот во Бугарија во која загинаа 45 патници.
Истиот ден (26 ноември 2021 г.) кога на прес-конференција информираше дека во „Виа комерц“ бил направен последниот технички преглед на автобусот на „Беса транс“ и дека притоа не биле утврдени пропусти, министерот Спасовски, без да ја информира јавноста, издал решение за привремена забрана за работа на станицата.
Причините утврдени неколку месеци претходно биле повеќеслојни – од тоа дека во станицата не се водат потребните регистри на возила на кои им е извршен технички преглед, до тоа дека во контролата учествувале нестручни лица.
„На овој начин се овозможува во сообраќајот на патиштата да учествуваат технички неисправни возила, односно возила кои може да претставуваат опасност по безбедноста на сообраќајот на патиштата“,
се наведува во решението за привремена забрана за работа.
„360 степени“ откри дека надзорот, всушност, бил спроведен уште во август, а на 25 истиот месец, надлежните служби на МВР изготвиле предлог-решение за забрана за работа на станицата. Решението за привремена забрана за работа е со датум – 26 ноември 2021 година, три дена по големата трагедија во Бугарија.
На 5 мај 2022 година Русковска отвори предистрага за случајот. Истражители од ОЈО-ГОКК го посетиле Министерството за внатрешни работи и од два сектора ја подигнале документацијата поврзана со случајот.
„Виа комерц“ стана „Виа контрол“
Во јуни оваа година „360 степени“ провери каква е состојбата на терен. Затекнавме отворени врати, работници и муштерии дојдени да направат технички преглед на возилата. Во истите објекти во кои функционираше „Виа комерц“ сега работи друго правно лице со слично име – „Виа контрол“. Сопственикот на претходната фирма Џемаљ Науиши, во новата компанија се јавува како управител. „Виа контрол“ е основана на 17 јануари годинава, по истекот на рокот во кој претходната фирма „Виа комерц“ требаше да ги отстрани пропустите за да продолжи со работа.

Како е можно нова фирма да продолжи на старото „проблематично“ место и со истата дејност – тогаш прво прашавме во МВР.
Звучи неверојатно, но е вистинито. „Виа комерц“, всушност, никогаш не ги отстранила пропустите и МВР трајно и ја одзело лиценцата. Само неколку дена подоцна – нова фирма, „Виа контрол“, добива „чиста“ лиценца за работа во истиот објект.
Од МВР ни рекоа дека се е по закон и дека самите барале измени во легислативата со кои нема да смее нова компанија да добие лиценца за технички преглед на возила во објект кој бил користен од фирма што ја изгубила лиценцата во последните 3 години.
Овој член од законот, велат, „паднал“ на Уставен суд.
„Согласно горенаведеното, нема законска пречка новиот правен субјект Друштво за трговија и услуги ВИА Контрол ДООЕЛ увоз-извоз од Скопје да добие овластување за вршење дејност во истиот објект доколку ги исполнува законски предвидените услови“,
соопштија тогаш од МВР.
Некои медиуми неодамна објавија дека било планирано апсење на министер откако се прибавени сите докази за случајот.
Суспендираната шефица на Основното јавно обинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО-ГОКК), Вилма Русковска, вели дека е шпекулација оти се подготвувало апсење на министер. Во изјава за „А1он“ Русковска кажала дека не е точно оти поради можно влијание, повторување на делото и бегство се планирало притвор за министер поради предмет во кој се испитува зошто МВР со месеци го чувале во фиока решението за привремена забрана за работа на станицата за технички преглед „Виа комерц“.