Партијата Влен ќе има еден вицепремиер по реконструкцијата на Владата
Откако премиерот Христијан Мицкоски синоќа по состанокот на Извршниот комитет (ИК) на ВМРО-ДПМНЕ соопшти во кои ресори ќе има кадровски промени во рамките на реконструкцијата на Владата, стануваат познати и имињата на новите министр⁸и.

Како што соопшти Мицкоски, на партијата Влен ќе и припаднат Министерството за правда, Министерството за култура и туризам и Министерството за односи меѓу заедниците.
Како што потврди извор од Влен за „360 степени“, на местото на Зоран Љутков, во Министерството за култура и туризам ќе дојде Седат Сулејмани, кој досега беше заменик-министер во истиот ресор.
Нов министер за односи меѓу заедниците ќе биде Агон Ферати, додека кадарот на ЗНАМ во Правда, Игор Филков, ќе му ја отстапи министерската позиција на професорот по уставно право на Универзитетот на Југоисточна Европа (ЈИЕ), Јетон Шасивари.

Коалицискиот партнер Влен, по реконструкцијата на Владата ќе има едно вицепремирско место.
Беким Сали останува прв вицепремиер и министер за европски прашања.
Вицепремиерката функција за добро владеење, која ја извршуваше Арбен Фетаи од Влен, нема да постои во реконструираната влада. Темата ќе се покрива од кабинетот на премиерот.
Како што соопшти Мицкоски синоќа, носечката партија во коалицијата ВМРО-ДПМНЕ, со реконструкција ги добива министерствата за здравство и за социјална политика, демографија и млади. За министер за здравство партијата го предлага актуелниот директор на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), Сашо Клековски, а за социјална политика, демографија и млади е предложен актуелниот заменик-министер во овој ресор, Ѓоко Велковски. На местото на Клековски во ФЗО ќе биде назначен актуелниот министер за локална самоуправа од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Златко Перински, а за нов министер за локална самоуправа се предлага актуелниот вицепремиер и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ.
Движењето ЗНАМ, по губењето на Правда, ќе раководи со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, каде нов шеф се очекува да биде Борче Серафимовски, кој во моментов е државен секретар во истото министерство.
Горан Минчев од ЗНАМ ќе продолжи да раководи со Министерството за јавна администрација.
