Јавното обвинителство бара притвор за скопјанец кој давел малолетник. Станува збор за 20-годишник, кој според соопштението од ОЈО Скопје, на 9 септември пред средно училиште и кафе-бар во населбата Кисела Вода извршил насилство врз три деца.
„Додека едно од оштетените 15-годишни деца седело во кафе-барот заедно со неговите соученици, осомничениот влегол заедно со уште две непознати лица, го фатил детето за вратот и насилно го извадил надвор. Давејќи го за врат, го однел до подземни гаражи во непосредна близина и со тупаница го удрил по лицето, нанесувајќи му тешки телесни повреди – фрактура на два предни заба, набиеници на усните и потрес на мозокот. Потоа осомничениот со други две лица влегол во дворот училиштето, се приближил до уште две 15-годишни деца, удирајќи ги со шлаканици и со тупаница и нанесувајќи им телесни повреди“,
се наведува во соопштението од ОЈО Скопје.
Притворот се бара бидејќи, како што велат од ОЈО, постојат околности осомничениот да избега и да ја попречува кривичната постапка со влијание врз сведоците.