Тој нагласи дека јавната набавка е за наредните две години појаснувајќи дека на тој начин се сака да се избегне недостиг на инсулин

Јавната набавка на инсулин е завршена, потпишан е договор и извршено е снабдување на аптеките и болниците со лекот за регулирање на шеќер во крвта, информира денеска министерот за здравство, Арбен Таравари.
Тој нагласи дека јавната набавка е за наредните две години, појаснувајќи дека на тој начин се сака да се избегне недостиг на инсулин.
„Министерството за здравство и Националната комисија за дијабетес, одлучија набавката за инсулин да се направи секоја втора година што мене ми се допаѓа. Многу е порационално да нема недостиг, секоја година се набавува, па додека пак се направи набавката, некогаш 2-3 до 10 дена недостасува. Ќе се набавува на две години, така веќе е завршена јавната набавка, потпишан е договорот со стандардниот добавувач, истиот речиси 10-15 години. Ова е рационализирање и мислам дека е подобро за сите граѓани, особено за тие со дијабет“,
изјави Таравари од Тетово.
Одговарајќи на новинарски прашања, министерот за здравство информираше дека сè уште го чека извештајот од комисијата за стручен надзор за случајот со починат пациент на Универзитетската Клиника за државна кардиохирургија – Скопје.