Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, вели дека околу 160 илјади граѓани остануваат без работа или во просек секое петто семејство во земјава.
„Дури 20 отсто од граѓаните добиле привремен отказ. Тоа се над 160 000 граѓани. Во просек, секое петто семејство во Република Македонија останува без еден вработен. И покрај овие фрапантни податоци, Владата повторно не презема ништо. Над 80 отсто од граѓаните очекуваат Владата да ги помогне компаниите и да им ги покрие загубите, на начин на кој истите компании не би делеле откази како во моментов. Но, за жал, бидејќи Владата е глува на барањата на стопанството, компаниите се принудени да делат откази“,
рече Јанушев на денешната прес-конференција.
Според него, реакциите за спречување на последиците од коронавирусот се задоцнети, а мерките на Владата, како што рече, се за потсмев.
„Она што можеме да го видиме се задоцнетите реакции и, слободно можам да кажам безобразниот пи-ар, кои нè доведоа до една галопирачка стапка на раст на бројот на заболени. Медицинскиот персонал е незаштитен, голорак се справува со пандемијата. Нема скафандери, нема визири, нема соодветни заштитни маски и ракавици, односно опрема која им е потребна во борба со вирусот. Како што веќе кажав, над 20 отсто или некаде околу 160 000 луѓе од Македонија остануваат без работни места, односно остануваат без основен приход за егзистенција“,
додаде Јанушев.
За него ова се најтешките мигови за државата од осамостојувањето до денеска.