Носителот на листата во третата изборна единица од ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, при граѓанската трибина денеска во Кратово рече дека по изборите на 15 јули, ќе следи обврска за политичарите да докажат како го стекнале имотот. Тој додаде дека, лидерот на СДСМ, Зоран Заев јавно на медиум кажал дека тежи повеќе милиони евра.
„Деновиве сме сведоци на огромен поткуп. Афери со лични карти, а знаете и дека овде во Кратово нудат пакети со цел да влијаат врз вашиот глас. Но, не ги одбивајте, земете ги пакетите тие се ваши народни пари. И потоа, на 15-ти јули излезете и позади параванот заокружете број 14, порача Јанушев. Го гледам Љупчо Николовски како излегува последниве денови и вели како ВМРО-ДПМНЕ нема програма, нема мерки и проекти. А притоа бега, се крие и не сака да излезе да се соочиме“,
рече Јанушев.
Според него, СДСМ не сака да се донесе законот за потекло на имотот на политичарите, но вети дека за ВМРО-ДПМНЕ тоа ќе биде една од првите работи што ќе ја направат по формирањето на новата влада.
„Да видиме дали Заев навистина има 70 илјади евра колку што пријавил, дали се 8 и пол милиони евра како што го слушнавме дека кажува или можеби се многу повеќе. Тоа го имаме во програмата и секој еден ќе треба да докаже како го стекнал својот имот“,
рече Јанушев.