Во пресрет на најавената средба на министерката за правда со претставници на сите пратенички групи за законот за јавно обвинителство, генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, денеска постави услов – ќе учествуваат во преговорите ако се вклучат и стручната јавност и меѓународната заедница.

„Да отстапиме од нашите барања, тоа нема да се случи. Тоа што го бараме е имплементација на сè она што веќе функционира и што помогнало за искоренување на криминалот и корупцијата во целиот развиен свет. Како ќе се одвиваат преговорите не можам да кажам однапред. Она што можам да го кажам е дека преговарачкиот тим на ВМРО-ДПМНЕ ќе учествува во преговорите исклучиво ако биде повикана и стручната јавност, но и претставниците на релевантниот меѓународен фактор. Токму оние на кои се повикува Заев бидејќи со ова што сега го предлагаа единствено што сакаат да постигнат тој и СДСМ е амнестија за сите криминали“,
рече Јанушев.
Средбата на Дескоска со работните групи во проширен состав со претставници на сите пратенички групи е закажана за попладнево во 16 часот во Собранието.
Денеска и експремиерот Зоран Заев ги повика сите да преземат одговорност порачувајќи дена недозволиво е одолговлекување на носењето на законот за јавно обвинителство којшто претставници на ЕУ сè повеќе го поврзуваат и со одлуката за почеток на преговори.
Заев на ВМРО-ДПМНЕ ѝ порача да ги формулира предлозите на писмено и да учествува на дебатите, како и дека власта е подготвена да дискутира за сето тоа што не ги надминува црвените линии и европските рамки.