Не постои никакво подарено земјиште, има погрешно внесени податоци, за што веќе е направена и корекција од моја страна, вели Јанушев. Тошковски потенцира дека сè што поседува има пријавено
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев, негираат дека поседуваат имот кој не го пријавиле во анкетниот лист, односно имот кој е стекнат под сомнителни околности, како што тврди СДСМ.
По денешната прес-конференција на портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, дека Тошковски поседува стан и деловни простории во зграда во Центар за кои не е познато дали ги пријавил во анкетнитот лист, тој вели дека нема скриен имот. Изјавата за имотната состојба ја доставил до Антикорупциската комисија уште на 4 јули, вели Тошковски.
„Одговорно тврдам дека надвор од она што е наведено во изјавата за имотната состојба не поседувам ништо друго. Ги повикувам институциите детално да го проверат мојот имот, но и имотот на секој актуелен и поранешен функционер, особено на оние кои целиот свој живот се на товар на државниот буџет. Упатувам порака до СДСМ да престане со лаги и манипулации. Транспарентноста и одговорноста се клучни за градење на доверба меѓу институциите и граѓаните. Време е вистината да излезе на виделина“,
посочува Тошковски.
Ако се провери имотната состојба на Тошковски, според податоците на страницата на ДКСК, тој поседува стан од 146 метри квадратни и деловен простор од 46 квадрати во Центар.
Според СДСМ, клучно прашање е како се поврзани подарокот на Јанушев од 325 илјади евра и имотот на Тошковски.
„Каков заеднички бизнис имале овие двајца? Дали преку шема на давање подароци овие двајца прикриваат некаква бизнис-зделка која јавноста не треба да ја знае? Имаат ли скриени бизниси кои на крај завршуваат со подароци во имоти вредни над 300 илјади евра?“,
рече Кузеска.
А со реакција на Фејбук денеска се огласи и генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев, за кого СДСМ веќе неколку дена обвинува како успеал на подарок на добие земјиште вредно 325 илјади евра во Општина Центар.
Според Јанушев, станува збор за грешка при внесувањето на податоците, која веќе ја коригирал. А во однос на тврдењата дека неговиот имот е енормно зголемен, тој вели дека има намалување на имотот споредено со 2017 година.
„Не постои никакво подарено земјиште, има погрешно внесени податоци, за што веќе е направена и корекција од моја страна. Истиот имот кој во моментов го поседувам, го поседував и во минатото и доколку било што беше проблематично, владата на СДСМ и ДУИ имаше повеќе од доволно време да постапува. Седум години бандитите на ДУИ и СДС беа на власт. Седум години водеа политички процес и хајка врз мене и тоа за непостоечки случај за набавка на автобуси, и кога можеа за тоа да водат случај, што мислите колку пати ќе бев затворен доколку е вистина она што сега го говорат?“
вели Јанушев.
На страницата на ДКСК во делот информации за имотната состојба, кај Јанушев се наведува дека поседува стан од 165 метри квадратни вреден 20 милиони денари, стекнат како подарок.
Во објавата Јанушев ги обвинува СДСМ дека шират лаги и клевети против него затоа што се исплашени од, како што вели, фрапантните сознанија до кои дошол по преземањето на функцијата генерален секретар на Владата.
„Ајде тоа што затекнавме празни канцеларии, без столчиња и услови за работа, туку ќе треба да одговарате и за милионите евра фрлени за софтвери кои не функционираат, за картички кои не работат, за машини за штампање на пластика и документи кои невообичаено се во посед на ГС, за набавка на клима-уреди кои се несоодветни за тоа што е потребно, но важно критериумот – набавувачот да е од Струмица е задоволен и ред други работи“,
напиша Јанушев на Фејбук.