По 11 месеци локална власт на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје, повеќе од јасно е дека приоритет им биле тендерите и личните интереси, а решавањето на проблемите на граѓаните на последно место, нагласи Јанчева
Цела година Скопје стои во место поради лични и бизнис-интереси на „шпицниот градоначалник“ и ВМРО-ДПМНЕ, рече на денешната прес-конференција Љубица Јанчева, координаторка на советничката група на СДСМ и коалицијата во Град Скопје.
По 11 месеци локална власт на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје, додаде таа, повеќе од јасно е дека приоритет им биле тендерите и личните интереси, а решавањето на проблемите на граѓаните на последно место.
„Наместо за скопјани, се правеле планови за тендери, провизии, влијанија. На крајот кога очигледно не можеле да се договорот јавно се скараа. Резултат од нивните кавги се стопирани проекти и негрижа за скопјани“,
рече Јанчева.
Таа додаде дека проектот за брзиот автобуски транспорт во Скопје не се реализира, иако за него има одобрени средства.
„Недоправена стои Универзалната сала, иако за реконструкцијата има одобрено средства. Нема напредок ниту кај клучката во Момин Поток, не се гради мостот на Љубљанска, не е пуштен мостот што ги поврзува Аеродром и Керамидница, ниту улицата ‘Есенинова’. Заглавена е пречистителната станица за која во ВМРО-ДПМНЕ расправаат околу провизиите за тендерот во вредност од 136 милиони евра. Нема ниту нови автобуси, за кои Христијан Мицкоски како шпицен градоначалник јавно се пофали дека ги договарал. И ред други проекти и ветувања во Град Скопје стојат, се откажуваат и не се реализираат“,
нагласи Јанчева.
Според неа, граѓаните знаат дека ВМРО-ДПМНЕ ја поддржа Арсовска, и ги собираше потписите, заедно тераа кампања и ветуваа проекти пред скопјани.
„Сега ја знаеме причината зошто ништо не е релиаизрано – локалната власт на ВМРО-ДПМНЕ наместо да се занимава со решавање на проблемите на граѓаните, се занимава со тендери и лични интереси. Ги повикуваме Мицкоски и градоначалничката Арсовска да ги исполнат обврските што ги презеле пред граѓаните или да излезат и да им се извинат за тоа што ги излажаа на локалните избори во 2021 година“,
потенцира Јанчева.