Според градоначалникот на Карпош Стевчо Јакимовски, скопската градоначалничка Арсовска нема проблем со советниците во Градот Скопје, туку со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, кој според Јакимовски е веројатно оној кој „ја мати водата“
Мицкоски веројатно претерал со мешање во Градот Скопје, затоа Арсовска го нарекува шпицен градоначалник.
Ова во емисијата Аргумент плус на Телевизија 24 го изјави првиот човек на Општина Карпош Стевчо Јакимовски коментирајќи ги настаните и сè поголемата нетрпеливост помеѓу градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Тој рече дека не разговарал со градоначалничката Арсовска на оваа тема, но додаде дека сака деновиве да се види со неа за да ги подготват програмите за наредна година.
„Гледате таа немаше конфликт со советниците. Таа го бараше Мицкоски, оној што отприлика ја мати водата и таа го бара тој да дојде и да постави прашања и да се расчисти“,
рече Јакимовски и додаде дека очекувал Мицкоски да не се меша и да не опструира во работата на Градот.
„Јас го употребував терминот шпицен градоначалник затоа што се меша во работите на Советот и на Општината“,
додаде Јакимовски.
Претходно, во јуни годинава градоначалникот на Карпош Стевчо Јакимовски ја раскина коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ во општинскиот Совет поради, како што рече тогаш, притисоци, подметнувања и нарачки од еден центар. Тој рече дека мора да му се спротистави на „шпицен градоначалникот“, алудирајќи на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.