Премиерот Зоран Заев вели дека вакцините кои земјава ќе ги набави од Србија може да пристигнат најбргу во земјава во споредба со останатите начини на набавка.
„Сабајле повторно искомуницирав со премиерката Брнабиќ. Втора замолница пуштаат до ’Фајзер‘ во Њујорк за да ја дадат согласноста за да може да се извезат вакцините од Србија. Ние како Влада исто така неколку пати ургираме преку Министерството за здравство. Верувам дека тоа ќе биде одобрено“,
рече Заев додавајќи дека тие вакцини се доволни за здравствените работници кои се ангажирани во ковид-центрите.
Тој зборуваше и за другите начини на набавка на вакцината, па потенцира дека кон средината или во втората половина од февруари се очекува да стигнат првите вакцини за кои Северна Македонија има склучено директен договор со „Фајзер“. Првично, треба да стигнат 5 850, а во понатамошните пратки ќе има по 14 500 вакцини. Вкупно, од директниот договор со оваа компанија треба да добиеме 800 000 дози (за 400 000 граѓани).
Вакцини треба да се добијат и преку Ковакс механизмот, а властите очекуваат солидарност и од ЕУ.
„Покрај Ковакс системот за кој очекуваме до крајот на неделата прецизен и директен одговор од кога да ги чекаме вакцините, очекувам оваа недела и од Европската комисија (ЕК) некоја новина за солидарната распределба на одредени количини на вакцини“,
изјави Заев.