Портпаролот на Кремљ, Димитри Песков денеска изјави дека обвинувањата упатени кон Русија дека извршила воени злосторства во регионот на Харков се лага. Претходно, украинските власти соопштија оти пронашле масовна гробница со 440 тела во североисточниот град Изјум кој Украина го врати под своја контрола
Кремљ го оцени како лажен извештајот за воени злосторства во украинскиот град Изјум каде што беше пронајдена масовна гробница со повеќе од 400 тела, неколку дена откако градот беше ослободен од украинските сили.
Портпаролот на Кремљ, Димитри Песков денеска изјави дека обвинувањата упатени кон Русија дека извршила воени злосторства во регионот на Харков се лага, која се одвива според истото сценарио како и во Буча.
Украинските власти претходно соопштија оти пронашле масовна гробница со 440 тела во североисточниот град Изјум кој Украина го врати под своја контрола. Некои од жртвите, соопштија властите, биле убиени во гранатирање и воздушни напади.
Неколку дена пред да бидат откриени масовните гробници, украинскиот претседател Володимир Зеленски го посети ослободениот град Изјум и порача дека украинското знаме повторно ќе се врати во секој град и село во земјата.
Ова не е првпат да се откријат масовни гробници во украинските градови каде навлегоа руските сили. Сличен случај имаше и во градот Буча, каде што покрај масовните гробници, светот сведочеше и на ужасните слики со убиени цивили расфрлени по улиците. Во април, истрага за ова започнаа и обвинители за воени злосторства од Меѓународниот кривичен суд.