Украинскиот претседател додаде дека е убеден оти руските воени злосторници ќе бидат осудени и изрази уверување дека сите окупирани територии ќе ѝ бидат вратени на Украина
Градот Изјум, кој неодамна беше ослободен од украинските сили е важен стратегиски град во источниот дел на Украина. Москва го користеше Изјум како точка од каде што испраќаше засилување на фронтот во Донбас
Украинското знаме ќе се врати во секој град и село во земјата, рече украинскиот претседател Володимир Зеленски при посетата на Изјум, еден од најголемите градови што украинската армија неодамна го врати од Русија во молскавична контраофанзива на источниот дел на земјата.
Во соопштението на социјалните мрежи, украинската војска соопшти дека Зеленски и воени претставници учествувале на церемонијата на подигнување на украинското знаме над ослободениот град, што било клучно за амбициите на Русија да го заземе регионот Донбас.
Зеленски претходно кажа дека Украина има целосна контрола на повеќе од 4 000 квадратни километри од територијата што е вратена од руските сили и дека стабилизира уште 4 000 квадратни километри.
При посетата на ослободениот град Изјум во Харковската Област, Зеленски изјави оти е шокиран од тоа што го видел во градот.
„Ова што го гледаме е шокантно, иако претходно го видовме во Буча, на првите ослободени територии. Уништени згради, убиени луѓе. За жал, овие денови тоа е дел од нашата историја. Тоа исто така е дел од модерната руска нација, тоа што го направија овде“,
посочи Зеленски.
Украинскиот претседател додаде дека е убеден оти руските воени злосторници ќе бидат осудени и изрази уверување дека сите окупирани територии ќе ѝ бидат вратени на Украина.
„Сакам да испратам порака до сите наши луѓе кои, за жал, се уште се под окупација, вклучително и луѓето на Крим. Знаеме дека нашите луѓе таму, што е огромна трагедија, се под окупација повеќе од осум години. Ние ќе се вратиме во Крим. Не знам точно кога, но имаме планови“,
истакна Зеленски.
Градот Изјум, кој неодамна беше ослободен од украинските сили е важен стратегиски град во источниот дел на Украина. Москва го користеше Изјум како точка од каде испраќаше засилување на фронтот во Донбас.