Во ковид-центрите низ државата вкупно се хоспитализирани 1 040 пациенти, од нив 436 се во болниците во Скопје, а останатите 604 во другите градови.
Бројот на слободни кревети, пак, е околу 370, од кои околу 50 се во Скопје.
Во Скопје нови ковид-центри
Во главниот град на Инфективната клиника има најмногу хоспитализирани – 131 пациент. Во Градската општа болница „8 Септември“ се лекуваат 73, во Детската болница во Козле 29, а на Клиниката за гинекологија и акушерство 4 пациенти.
Останатите хоспитализирани во Скопје, или вкупно 199 се сместени во ковид-центрите на Интерните клиники.
Во рамките на овие клиники, изминативе денови, како што веќе информираа здравствените власти, поради зголемениот број на пациенти кои имаат потреба од хоспитализација, повторно се отворија и ковид-центрите на Клиниката на нефрологија, Клиниката за гастроентерохепатологија, Клиниката за очни болести и Клиниката за уво нос и грло.
Каква е состојбата надвор од Скопје
Според извештаите од Министерството за здравство, од 604 пациенти сместени во болниците надвор од Скопје, најмногу има во кумановската – 100 пациенти. Во Прилеп 96, Охрид 75, Кавадарци 64, Битола 60, Велес 47, Штип 37, Струмица 29, Гостивар 28, Тетово 20, Струга, Гевгелија 15, Кочани 7 и Кичево 7.
Од Министерството за здравство нагласуваат дека доколку има потреба, ковид-одделенијата дополнително ќе се прошируваат.