Додека израелските сили најавија зголемување на своите копнени операции, Црвената полумесечина и други хуманитарни организации известија оти не можат да исконтактираат со своите тимови во Појасот Газа. Ова уследи откако палестинската телекомуникациска компанија објави дека во Појасот има целосен прекин на телекомуникациите и интернетот
Копнените сили на Израел вечерва ги прошуруваат своите операции, објави портпаролот на Израелските одбранбени сили, Даниел Хагари, и им порача на жителите на градот Газа да се повлечат кон југот на Појасот.
Хагари на социјалните мрежи наведе дека израелските воздушни напади во Газа од неодамна се зголемени, сигнализирајќи дека копнените сили ќе ја „прошират својата активност“ во наредните часови.

Милитантната група Хамас, пак, соопшти дека е подготвена за најавената израелска инвазија на Појасот Газа.
Во меѓувреме, Палестинската црвена полумесечина соопшти дека изгубила секаков контакт со своите оперативни тимови кои дејствуваат во Газа и изрази загриженост оти луѓето нема да може да контактираат со интите служби.
„Длабоко сме загрижени за способноста на нашите тимови да продолжат да ги обезбедуваат своите итни медицински услуги, особено затоа што ова нарушување влијае на централниот број за итни случаи 101 и го попречува пристигнувањето на возилата на брзата помош кај повредените“,
се вели во соопштението на Палестинската црвена полумесечина.
Освен Црвената полумесечина, и други хуманитарни организации известуваат дека не можат да контактираат со своите центри и тимови во Појасот Газа.
Ова уследи откако палестинската телекомуникациска компанија „Палтел“ објави соопштение во кое го потврди „целосниот прекин на сите комуникациски и интернет-услуги со Појасот Газа“.
Колапсот на телекомуникациските врски во Појасот се случил околу 19:30 часот по средноевропско време.