Хамас кажа дека заложниците се држат на безбедни места и во тунели и претходно се закани дека ќе ги убива ако Израел продолжи да ги бомбардира домовите во Газа без предупредување
Израелските одбранбени сили објавија дека Хамас држи 199 заложници во Газа, меѓу кои има и државјани на други земји, објави британскиот „Гардијан“.
Според британскиот медиум, меѓу заложниците се најмалку 13 деца и две лица постари од 80 години.
Портпаролот на израелската војска Даниел Хагари рекол дека прашањето на киднапираните е од национален врвен приоритет.
„Војската и Израел деноноќно работат за да ги вратат“,
посочил Хагари.
Заложниците биле земени на 7 октомври, кога стотици милитанти на Хамас извршија изненадувачки упад во Израел, напаѓајќи музички фестивал и 20-ина погранични населени места. Притоа беа убиени повеќе од 1 300 луѓе.
Тајланд потврди дека 17-мина негови граѓани се меѓу заложниците, како и 13-мина Французи, десетмина Британци, осуммина Германци, двајца Мексиканци и еден Русин, објавија нивните земји.
И САД кажаа дека одреден број нивни граѓани се заробени од Хамас и дека 13-мина се водат како исчезнати.
Хамас кажа дека заложниците се држат на безбедни места и во тунели и претходно се закани дека ќе ги убива ако Израел продолжи да ги бомбардира домовите во Газа без предупредување.
Ситуацијата со заложниците ја усложнува воената операција на Израел.
Хамас тврди дека неколкумина заложници веќе загинале во израелските воздушни напада на Газа.