Министерот за одбрана, исто така, упати предупредување до Иран, наведувајќи дека Израел ќе одговори со полна сила доколку Исламската Република го нападне како одговор на воените операции во Либан
Денеска договорот меѓу САД и Иран, го критикуваа крајно-десничарските членови на владата на Нетанјаху, министрите за безбедност и за финансии, Итамар Бен-Гвир и Безалел Смотрич, кои сметаат дека договорот не е добар за Израел и оти Тел Авив треба да ја засили својата кампања во Либан
Израел ќе ги задржи своите сили во Либан, Сирија и Газа на неодредено време изјави денеска израелскиот министер за одбрана, по објавувањето на договорот меѓу Соединетите Американски Држави и Иран за прекин на војната на Блискиот Исток, вклучувајќи го и Либан, пренесуваат светските медиуми.

„Премирот Бенјамин Нетанјаху и јас водиме јасна политика според која израелската војска ќе остане во безбедните зони во Либан, Сирија и Газа на неодредено време, со цел да ја заштити границата израелските заедници од џихадистичките елемент“,
вели израелскиот министер за одбрана, Израел Кац кој во изјавата дадена денеска не го споменува мировниот договор меѓу САД и Иран.
Според Кац, контролата на теирторијата и одржувањето на безбедните зони се меѓу најголемите приоритети на израелската војска и затоа, вели, се спротивставуваат на повлекувањето на војската од Либан, и покрај „сите постоечки и идни притисоци“.
Кац во изјавата тврди дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за ова го информирал амриканскиот претседател Доналд Трамп.
Министерот за одбрана, исто така, упати предупредување до Иран, наведувајќи дека Израел ќе одговори со полна сила доколку Исламската Република го нападне како одговор на воените операции во Либан.
Мировниот договор што го постигнаа САД и Иран, чија цел е да стави крај на војната на Блискиот Исток, вклучително и во Либан, денеска го критикуваше и израелскиот министер за национална безбедност, Итамар Бен-Гвир, тврдејќи дека Израел не е обврзан на условите во договорот.
„Договорот на Трамп не нè обврзува. Ние не сме страна во овој договор и тој не ја гарантира нашата безбедност“,
напиша Бен-Гвир на својот канал на Телеграм.

Инаку, неговата објава беше првата реакција на израелски функционер во врска со постигнатио договор меѓу Вашингтон и Техеран.
Според ултрадесничарскиот политичар и член на владата на Нетанјаху, Израел не смее да се задоволи со, како што наведува, ништо помалку од целосно уништување на Хезболах.
„Не смееме да се повлечеме ниту еден сантиметар од територијата што нашите војници ја освоија и ја исчистија од терористичката инфраструктура во Либан“,
вели тој.
По неговиот коментар, со критики се огласи и израелскиот министер за финансии на, Безалел Смотрич, кој тврди дека договорот на САД со Иран е лош за Израел.
Според него, заедничката американскот-израелска кампања постигнала бројни успеси во ослабувањето на Иран, придобивки кои, како што вели не биле залудни.
Тој вели дека Израел мора сам да ја продолжи, како што вели кампањата за соборување на режимот во Техеран и да не дозволи Иран никогаш да развие нуклеарно оружје. Дополнително, тој наведува дека Израел мора да ја засили воената кампања во Либан.
„Ова е наша војна, ова се наши војници, а непосредната безбедност на нашиот народ на север е во прашање“,
вели министерот за финансии на Израел.

Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа објави дека е постигнат мироврен договор помеѓу САД и Исламската Република Иран и нареди прекин на поморската блокада на иранските пристаништа во замена за слободен проток на сообраќај низ Ормускиот Теснец.
Заменик-министерот за надворешни работи на Иран, Казем Гарибабади, вчеравечер за иранската државна телевизија потврди дека договорот со САД е финализиран и дека официјално ќе биде потпишан во Швајцарија во петок. Со ова, како што рече, се укинува и поморската блокада на САД против Иран.
Лидерите на Велика Британија, Франција, Германија и Италија го поздравија постигнатиот мировен договор и изразија подготвеност да помогнат во обезбедувањето слободна пловидба низ Ормускиот Теснец.
