Во заедничката изјава британскиот премиер Кир Стармер, францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Фридрих Мерц и италијанската премиерка Џорџа Мелони, меѓу другото, се повикува на брза и сеопфатна имплементација на договорот, потенцирајќи дека отворањето на Ормускиот Теснец е од суштинска важност
Лидерите на Велика Британија, Франција, Германија и Италија го поздравија постигнатиот мировен договор помеѓу САД и Иран и изразија подготвеност да помогнат во обезбедување слободна пловидба низ Ормускиот Теснец.

„Им честитаме на Соединетите Американски Држави, иранската влада и на сите вклучени страни, вклучувајќи ги Пакистан, Катар и сите други посредници, за овој дипломатски пробив. Ова е можност за враќање на регионалната стабилност и стабилизирање на глобалната економија“,
порачаа лидерите на Велика Британија, Франција, Германија и Италија.
Во заедничката изјава на германскиот канцелар Фридрих Мерц, францускиот претседател Емануел Макрон, британскиот премиер Кир Стармер и италијанската премиерка Џорџа Мелони, меѓу другото, се повикува на брза и сеопфатна имплементација на договорот, потенцирајќи дека отворањето на Ормускиот Теснец со безусловна и неограничена слобода на пловидба е од суштинска важност.
Четворицата лидери ја нагласија својата позиција дека на Иран никогаш не смее да му биде дозволено да поседува нуклеарно оружје, а во оваа смисла потенцираа дека се подготвени да ги укинат санкциите како одговор на јасни, проверливи чекори од страна на Иран во врска со неговата нуклеарна програма.
„Интензивно ќе работиме со САД, Иран и регионалните партнери за да го искористиме овој момент, да го одржиме моментумот и да постигнеме долгорочно дипломатско решение“,
порачаа лидерите на четирите држави во заедничката изјава.
Реакцијата следува откако американскиот претседател Доналд Трамп објави, а иранскиот заменик-министер за надворешни работи потврди дека е постигнат мировен договор помеѓу САД и Иран.
