Премиерот Димитар Ковачевски оценува дека треба да се отвори дискусија за законот за студентски оброк, во однос на измените кои беа предложени, а потоа повлечени од собраниска процедура по реакциите во јавноста. Според него, важно е што имаше Закон за студентски оброк кој беше поднесен во Собранието меѓутоа во текот на утрешниот ден министерот за образование и наука Јетон Шаќири заедно со претставниците на студентите ќе имаат состанок и со претставници на Парламентот, на различни парламентарни групи.
„Ќе имаат состанок во МОН каде ќе се разговара за забелешките на студентите во однос на предложеното законско решение. Дури и јас имам две забелешки, како ограничувачки фактори кои беа ставени, а сметам дека не треба да бидат и му ги кажав во текот на вчерашниот ден на министерот за образование и наука“,
рече Ковачевски.
За барањето на пратеникот Павле Трајанов, премиерот Ковачевски смета дека е добро да има таква собраниска седница и најави дека сака и тој да присуствува на таа седница.
„Тука ќе можеме да го споредиме концептот. Трајанов е добар за таква седница бидејќи во времето кога беше во коалиција со премиерот Груевски знаете како студентите беа тепани по плоштади и пред Владата. И ќе можеме да споредиме со тоа како студентите се третирани денеска, од 2017 година до денес.Таква собраниска седница би била одлична можност да можеме да споредиме во какви услови работеа студентите и можеа да ги искажат своите ставови пред 2017 и по 2017 година“
додаде Ковачевски.
Вчера од движењето „Студентски отпор“ најавија и протест пред Собранието за повлекување на законот, кој ќе се одржи под мотото „Стоп за уништување на студентскиот стандард“.
Пратеничката од ЛДП, Моника Зајкова која е една од предлагачите на законските измени, вчера соопшти дека ќе ги повлечат и дека ќе имаат заедничка средба со студентските организации за усогласување на законот.