Една од пратеничките кои предложија измени, денеска најави повлекување на законот за студентски оброк. Пратеничката од ЛДП, Моника Зајкова, на нејзиниот Фејсбук профил напиша дека се оправдани реакциите на студентите. Таа ги повика на заедничка средба в понеделник да најдат решение со кое ќе се подобрат законските измени за да се обезбеди здрав оброк за студентите.
„Студентски оброк мора да има. Законот за студентски оброк кој предизвика оправдани реакции меѓу студентите по однос на критериумите кои се вметнати во истиот се повлекува заради усогласување во овој дел заедно со претставниците на студентите. Јавно ги повикувам претставниците на Универзитетските студентски собранија на итна средба во Собранието на Република Северна Македонија во понеделник (14ти ноември) во 16.30 часот, сите заедно со министерот Шаќири да дискутираме по однос на овој дел од законот се со цел да најдеме заедничко решение кое ќе биде системски воспоставено и ќе обезбеди здрав оброк на студентите, како што впрочем и беше првата намена“
напиша Зајкова.
Со предложените измени кои се во собраниска процедура се предвидува измена на критериумите за добивање субвенциониран студентски оброк, со што корисници не можат да бидат апсолвенти, студенти кои користат стипендии, оние кои се регистрирани како индивидуални земјоделци и студенти кои имаат месечни приходи поголеми од минималната плата на ниво на семејство.
На измените реагираа повеќе студентски организации кои оценија дека со законот се намалува бројот на корисници.
„Со новите услови автоматски се побива суштината и целта на законот и многу јасно се гледа намерата што е можно повеќе студенти да бидат изземени од правото за користење на студентскиот субвенциониран оброк. Затоа како УСС веќе сме во процес да ги искористиме сите механизми ваквото предлог-решение да не помине“
реагираа од Универзитетското студентско собрание – УКИМ.
Од движењето „Студентски отпор“ најавија и протест пред Собранието за повлекување на законот, кој ќе се одржи под мотото „Стоп за уништување на студентскиот стандард“.