Според агенциите „Галуп“ и „Тренд“ места во парламентот ќе освојат седум партии. Според првичните прогнози на „Алфа Рисрч“, пак, во новиот бугарски парламент засега сигурни се само 6 партии, а неизвесен е влезот на ВМРО на Красимир Каракачанов
Во 45. по ред парламентарен состав на Бугарија ќе влезат седум партии, покажуваат првите излезни анкети објавени агенциите „Галуп“ и „Тренд“ веднаш по затворањето на гласачките места.
Според „Галуп“, излезноста на денешните избори била 43,9 проценти. Владејачката ГЕРБ на Бојко Борисов освоила 25 отсто од гласовите, пренесува „Нова.бг“. Втора политичка сила, според овие резултати, станува „Има таков народ“ на шоуменот Слави Трифунов со освоени 17,1 проценти. Досегашната најголема опозициска партија БСП на чело со Корнелија Нинова има 16,7 проценти.
Демократска Бугарија, пак, има 10,5 отсто. Следна е МРФ со 10,2 проценти.
Останатите две кои според првичните проекции од „Галуп“ го надминуваат прагот од 4 проценти за влез во парламентот се „Исправи се, и кажи“ со 5 проценти и ВМРО на Красимир Каракачанов 4,7 отсто.
Според проекциите на „Тренд“, пак, ГЕРБ освоила 25,1 процент. На второ место е БСП со 16,5 отсто, а „Има таков народ“ е веднаш зад неа со 16,2 проценти. МРФ и според „Тренд“ е четврта со 10 проценти од гласовите, а Демократска Бугарија има 9,4.
Шеста и седма политичка сила се „Исправи се, и кажи“ и ВМРО со 4,8 и 4,5 проценти.
Според „Тренд“ излезноста била 45 проценти.
Според првичните прогнози на „Алфа Рисрч“, пак, во новиот бугарски парламент засега сигурни се само 6 партии: ГЕРБ, БСП, „Има таков народ“, МРФ, Демократска Бугарија и „Исправи се, и кажи“.
Влезот на ВМРО на Каракачанов, пак, е неизвесен бидејќи е на прагот од 4 проценти освоени гласови.