Коалицијата составена од партијата на Мелони – Браќа на Италија, партијата Лига на Матео Салвини и партијата Напред Италија на Силвио Берлускони може да смета на 227 до 257 места или на апсолутно мнозинство во парламентот со оглед на тоа што освоила меѓу 41 и 45 отсто од гласовите
Тројната крајнодесничарка коалиција предводена од Џорџа Мелони е на пат да формира нова влада во Италија, сугерираат излезните анкети од неделните парламентарни избори во оваа земја членка на ЕУ.
Коалицијата составена од партијата на Мелони – Браќа на Италија, партијата Лига на Матео Салвини и Напред Италија на Силвио Берлускони може да смета на 227 до 257 места или на апсолутно мнозинство во парламентот со оглед на тоа што освоила меѓу 41 и 45 отсто од гласовите.
Според излезната анкета што ја објави РАИ, левицата предводена од Енрико Лета добива меѓу 78 и 98 места со освоени 25,5-29,5 % од гласовите.
Движењето Пет ѕвезди на Џузепе Конте ќе заврши на третото место со 36-56 пратеници или освоени 13,5-17,5 % од гласовите.
Резултатите од изборите во Италија би можеле значително да се одразат на односите внатре во Европската Унија, но и кон Русија поради блиските врски на лидерите на партиите од десничарскиот блок со Владимир Путин.
Политичките почетоци на Џорџа Мелони се поврзани со неофашистичка младинска организација, а во кампањата со нејзината партија Браќа на Италија таа зборуваше за Бог, татковина и христијански идентитет. За разлика од претходно, Мелони повеќе не сака да ги напушти Европската Унија и Еврозоната. Таа ја осудува руската агресија врз Украина, но го поздравува Брегзит и ги поддржува Полска и Унгарија во спорот за владеењето на правото.
Вториот партнер во потенцијално владејачката коалиција Матео Салвини е изразено антиимигрантски настароен, а наклонетоста кон Путин се врзува за третиот партнер Силвио Берлускони.
Во пресрет на изборите, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ја предупреди Италија за последиците доколку отстапи од демократските принципи.
„Мојот пристап е дека која и да е демократска влада подготвена да работи со нас, ние работиме заедно“, рече Фон дер Лајен на прашањето дали има загриженост за изборите во Италија. „Ако работите тргнат во тешка насока… Зборував за Унгарија и Полска, ги имаме алатките“, додаде таа.
Веднаш доби одговор од Матео Салвини, шеф на партијата Лига, кој коментарите на Фон дер Лајен ги нарече „срамна ароганција“.