Трите партии од албанскиот блок, кои во минатиот состав на парламентот, иако во опозиција, асистираа во имплементацијата на Преспанскиот договор, сега се на чекор до коалиција со партија која е за поништување на Договорот кој го отвори патот за членство на С Македонија во Алијансата, а која се залага и за поништување на признавањето на Косово…
Поништување на Преспанскиот договор со Грција и ревидирање на Договорот за добрососедство со Бугарија; издигнување на билатералните односи со НР Кина на ниво на стратешко партнерство и отповикување на признавањето на Косово, како и на Израел и на Јужна Кореја; итно отчленување од НАТО и безусловно повлекување на сите безбедносни сили од странски воени мисии кои немаат мандат од ОН, како и обновување на официјалните контакти со Движењето на неврзаните…
Тоа се дел од програмските определби на Левица, врз чија основа партијата освои две пратенички места на ланските предвремени парламентарни избори, а сега претендира да биде дел од ново парламентарно мнозинство, што синоќа го најави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски. Кон новото мнозинство, кое најавува изгласување недоверба на Владата на Зоран Заев, би се приклучиле и три партии од албанскиот политички блок: досега опозициските Алијанса за Албанците и Алтернатива, како и Беса, која се до денеска беше дел од парламентарното мнозинство, како коалициски партнер на СДСМ.

Партиите од албанскиот блок, кои во минатиот состав на парламентот, иако во опозиција, асистираа во имплементацијата на Преспанскиот договор, односно во донесувањето на уставните амандмани што произлегоа од него, сега се на чекор до колаиција со партијата која се залага за поништување на Договорот кој го отвори патот за членство на С Македонија во НАТО.
Иако набрзо по вториот круг од локалните избори од Левица објаснуваа дека имаат склучено „само коалиција со народот и со граѓаните“ и затоа одбиваат каква било формална коалиција со кој било друг политички субјект – било од власта или од опозицијата, веќе следниот ден беше соопштено дека партиите на Димитар Апасиев и на Мицкоски планираат да ги здружуват силите со Алијансата за Албанците во Советот на град Скопје.
Претходните несогласувања меѓу Левица и ВМРО-ДПМНЕ не претставуваа пречка ниту за Апасиев и Мицкоски да седнат синоќа на иста маса во Собранието, заедно со Арбен Таравари од Алијансата, Африм Гаши од Алтернатива и Аријанит Хоџа од Беса, за да договорат мнозинство за изгласување недоверба на владата на СДСМ и на ДУИ.
Генералниот секретар на Алијанса за Албанците и градоначалник на Гостивар, Арбен Таравари неделава во повеќе телевизиски настапи рече дека условот за ново мнозинство е почитувањето на Преспанскиот договор, а како што вели, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски нема проблем со тоа.
Тој потенцира дека уставното име Република Северна Македонија треба да се почитува и околу тоа нема дилеми, без разлика на личниот став.
Од СДСМ доцна синоќа оценија дека меѓу пратениците на политичките партии кои најавуваат ново мнозинство има подржувачи на евроатлантската иднина на С Македонија, кои, како што се посочува, не сакаат пакт „со нацистите и фашистите од Левица“.
„Има меѓу тие пратеници луѓе кои не сакаат да влезат во пакт со нацистите и фашистите од Левица, која е отворено против НАТО. Ги повикуваме на соработка и одговорно застанување на страната на демократската опција.
велат од СДСМ.
Ги повикуваме сите демократски сили и пратеници кои сакаат продолжување на вистинскиот пат, патот на напредокот, на интеграциите во ЕУ, на правдата и економскиот напредок, да не дозволат да остават траен печат со својот глас и да бидат споменувани како пратеници и луѓе кои ги донеле новите кавги со соседите, уназадувања на патот кон ЕУ, нови меѓуетнички конфликти“,