„Досега се изведуваат вербални докази предложени од страна на обвинителството. Во наредниот период ќе бидат изведени материјални докази. Сепак, обвинителството смета дека од сите докази произлегува основаноста на обвинението така како што е поднесено“, вели Стојковиќ-Димитровска

Пишаната изјава на Влатко Кешишов во која тврди дека Љупчо Палевски-Палчо не бил присутен за време на убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски во оваа фаза од постапката нема доказна вредност.
Ова пред почетокот на денешното рочиште пред медиумите го изјави помошник-обвинителката Ана Стојковиќ-Димитровска одговарајќи на новинарско прашање како изјавата на Кешишов ќе влијае на постапката.
„Изјавата на обвинетиот Кешишов во оваа фаза на постапката нема доказна вредност од причина што согласно одредбите од Законот за кривична постапка и тој и сите други обвинети на крајот од постапката ќе дадат свој исказ кој ќе биде подложен на испитување, како од обвинителството така и од одбраната”,
изјави обвинителката.
Таа додаде дека секој исказ на обвинетите се цени заедно со сите вербални и материјални докази. Прашана дали обвинителството има доволно докази за Палевски, обвинителката кажа:
„Досега се изведуваат вербални докази предложени од страна на обвинителството. Во наредниот период ќе бидат изведени материјални докази. Сепак, обвинителството смета дека од сите докази произлегува основаноста на обвинението така како што е поднесено“,
Пред неа изјава даде и обвинителката Жаклина Крстевска-Јосифовска која го застапува обвинението и рече дека досега постапката се одвива со добра динамика, редовно се повикуваат сведоци и нема непотребни одложувања на рочиштата.
Таа кажа дека Основното јавно обвинителство Скопје има доволно цврсти докази со кои ќе го докаже она што им се става на товар на обвинетите.
„По изведувањето на вербалните следува изведувањето на материјалните докази со што ќе се доразјаснат одредени околности кои во јавноста оставаат прашалници”,
рече таа.
Ова е прва изјава на обвинителскиот тим за медиумите, надвор од судницата, од почетокот на судскиот процес за грабнувањата и убиствата на Вања и Панче.
Инаку, на крајот на минатото рочиште судијата Ивица Стефановски извести дека обвинетиот Влатко Кешишов поднел писмена изјава доставена од затвор во која вели дека Љупчо Палевски-Палчо на 22 и 27 ноември лани не бил со него, со Велибор Манев и со Боре Видевски кога биле грабнати и убиени Вања и Панче и дека спиел во штабот на партијата Десна.
Адвокатите на крајот од минатото рочиште рекоа дека не се запознаени со изјавата на Кешишов и дека дополнително треба да ја разгледаат.
На досегашните рочишта сведочеа мајката на Вања, родителите на таткото Александар Ѓорчевски, кој е обвинет за помагање, полициски инспектори, роднини и пријатели, познаници и членови на партијата Десна.
Денеска продолжува судењето со изнесување вербални докази од тројца сведоци Игор Јанушев, Зоран Абаз и Мирче Мицевски
На првото одржано рочиште во случајот за грабнувањето и убиството на Вања и Панче, обвинетите Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски, се произнесоа дека не се чувствуваат за виновни.
Според обвинението, тие заедно го испланирале грабнување на 14-годишното девојче со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп. Додека грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес било со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „ситроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.
Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година.