Ана Брнабиќ вчера пред пратениците во Народното собрание го претстави своето експозе, кое преставува континуитет на политиката од претходните влади, посочувајќи дека приоритети на идната влада ќе бидат новата енергетска политика, продолжување на европскиот пат со неселективно почитување на меѓународното право, зачувување на стабилноста, растот и развојот
Српското Народно собрание со 157 гласа „за“ од потребните 125 и 68 гласа „против“ ја изгласа новата Влада на Република Србија, 17-та по ред, со што Ана Брнабиќ по трет пат стана премиерка.
Новата Влада ќе има 28 министри, 25 министерства и три министри без ресор. Столбот на Владата ќе биде од редовите на СНС, коалицијата СПС-ЈС ќе има пет кандидати за министри и по еден кандидат од ПУПС на Милан Кркобабиќ, СДПС на Расим Љајиќ и партијата на Миарем Зукорлиќ, како и Демократскиот сојуз на Хрватите на Томислав Жигманов во Војводина, со што во владата за прв пат ќе се најде и преставник на хрватското малцинство во Србија.
Седум министри од составот во заминување ги задржаа своите ресори: Синиша Мали (финансии), Бранко Ружиќ (образование), Маја Гојковиќ (култура), Маја Поповиќ (правда) и Ирена Вујовиќ (екологија). Новица Тончев (без ресор за регионален развој) и Милан Кркобабиќ (за грижа за селата). Од оние кои ќе ги сменат министерствата се Томислав Момировиќ кој од транспорт и инфраструктура преминува во Министерството за надворешна и внатрешна трговија, а на негово место доаѓа Горан Весиќ, потоа Дарија Кисиќ која го отстапува одделот за труд и социјална политика на Никола Селаковиќ, а таа оди во Министерството за демографија и семејна грижа.
Шеф на дипломатијата и вицепремиер и координатор на безбедносно-разузнавачките агенции ќе биде лидерот на СПС Ивица Дачиќ, а министер без ресор ќе биде неговиот партиски колега Ѓорѓе Милиќевиќ.
Ана Брнабиќ вчера пред пратениците во Народното собрание го претстави своето експозе, кое преставува континуитет на политиката од претходните влади, посочувајќи дека приоритети на идната влада ќе бидат новата енергетска политика, продолжување на европскиот пат со неселективно почитување на меѓународното право, зачувување на стабилноста, растот и развојот.
Во поглед на надворешната политика таа истакна дека без разлика на проблемите, Србија го продолжува својот европски пат.
Брнабиќ нагласи дека европската иднина на Србија најмалку зависи од брзината и квалитетот на реформи, а најмногу од тоа дали Србија ќе воведе санкции кон Русија и од прашањето за Косово.
Фото: Блиц.рс