На овие локални избори има рекорден број кандидатски листи, а тоа значи и многу материјал, но тој навреме ќе се дистрибуира, изјави денеска претседателот на ДИК Александар Даштевски
Државната изборна комисија (ДИК), утрово од Битола почна со преземање и дистрибуција на избирачкиот материјал за претстојните локални избори што ќе се одржат в недела.
„Се е подготвено и денеска ќе се дистрибуира цел материјал затоа што активностите ги почнавме во раните утрински часови со цел материјалот на време да пристигне во сите општини. Утре ќе ги предадеме и уредите за биометриска идентификација на гласачите во сите ОИК и изборната комисија за Град Скопје. На овие локални избори има рекорден број кандидатски листи, а тоа значи и многу материјал, но тој навреме ќе се дистрибуира“,
изјави претседателот на ДИК, Александар Даштевски.

Во битолската печатница „Киро Дандаро“ отпечатени се околу 4,5 милиони ливчиња и материјал што го придружува избирачкиот материјал за реализација на изборите, соопшти Драги Милошевски, генерален менаџер на печатницата.
„Овие гласачки ливчиња заштитени со над 20 заштити и не е можно никакво фалсификување, ниту пренесување на ливчиња од едно на друго избирачко место затоа што сите ливчиња се обележани и заштитени. За печатење на избирачкиот материјал потрошивме околу 40 тони хартија за ливчиња и дополнителни 20 тони хартија за записници. Изработивме гласачки ливчиња за 80 општини и Град Скопје, за секоја општина посебни ливчиња, потоа ливчиња кои некаде се двојазични или тријазични во зависност од општините и се што отпечативме беше во зададениот рок, односно за 20 дена“,
рече тој.
