Освен домашните и странски набљудувачи, изборниот процес го следи и Јавното обвинителство кое формираше привремена Комисија за следење на евентуални нерегуларности поврзани со извршување на кривични дела при организирањето и спроведувањето на локалните избори
Вкупно 1 045 домашни и странски набљудувачи и преведувачи ќе го следат денешниот гласање за локалните избори 2021.

Според податоците од Државната изборна комисија, изборите ќе ги мониторираат 714 домашни набљудувачи. Акредитирани се 512 набљудувачи од Граѓанската асоцијација АКСИОС 2017 Скопје, 190 набљудувачи од Здружението ЦИВИЛ – Центар за слобода Скопје, како и 12 набљудувачи од Институтот за економски стратегии и меѓународни односи Охрид-Скопје.
Акредитирани за набљудување се и 219 меѓународни набљудувачи и 40 преведувачи.
Специјалната мисија за проценка на изборите на ОБСЕ/ОДИХР има акредитирано 217 набљудувачи, Американската амбасада 15, Британската амбасада Скопје 7, Амбасадите на Франција и на Унгарија по 6, ИФЕС и амбасадата на Албанија по 5, амбасадите на Русија, Холандија и Италија по 4, амбасадите на Чешка и Хрватска, и Централната изборна комисија на БиХ по 3 набљудувачи, амбасадите на Грција, Бугарија и на Шпанија по двајца и амбасадата на Белгија еден.
Изборниот процес е под лупа и на Јавното обвинителство кое формираше привремена Комисија за следење на евентуални нерегуларности поврзани со извршување на кривични дела при организирањето и спроведувањето на локалните избори.
Обвинителството информираше дека во текот на изборниот ден ќе бидат воспоставени дополнителни дежурства во јавните обвинителства кои итно ќе постапуваат по индиции за изврешни кривични дела поврзани со изборите.