Почетокот на преговорите со Северна Македонија и Албанија се меѓу главните приоритети на претстојното германско претседателство, но дека некои земји членки најавиле дека изборите ќе влијаат врз нивниот став, изјави германскиот амбасадор при ЕУ, Микаел Клаус, кој утрово ја презентираше програмата на германското претседателство кое започнува на први јули и кое веќе неофицијално се нарекува „Претседателство корона“.
„Треба да ги видиме ставовите на земјите членки, не можам да кажувам имиња, но кога прашувате за изборите во Северна Македонија, дали ќе влијаат или не, слушаме од некои земји членки дека тие ќе влијаат врз нивната одлука, кога потоа ќе биде предмет на преговори во Советот“,
изјави Клаус за МИА.
Германското претседателство, како што рече амбасадорот Клаус, не се откажува од формален старт на преговорите до крајот на оваа година, најверојатно наесен.
„Имаме договор за преговорите со Северна Македонија и Албанија, ова ќе биде една од важните теми на германското претседателство и очекувам тоа да се случи наесен“,
рече Клаус.
Истата порака вчера ја испрати и министерот за Европа на Германија, Микаел Рот, кој изрази жалење што на одредени „угледни“ земји членки на ЕУ им требаше толку време да постигнат консензус за отворањето на преговорите со Скопје и Тирана, алудирајќи на тензиите помеѓу ЕУ членките минатата есен, кога Франција ја блокираше одлуката.
Во однос на роковите, Европската Комисија треба идната недела да ги објави преговарачките рамки за Скопје и Тирана, по што овој документ ќе биде разгледан на ниво на работната група во Советот (позната како КОВЕБ), а потоа ќе премине на масата на амбасадорите на земјите членки, каде се очекуваат најсуштински преговори. Ова не остава време за министрите на јунскиот Совет за општи работи да донесат одлука. Притоа, на јунскиот министерски состанок се очекува да доминира коронавирусот и преговорите за седумгодишниот буџет на ЕУ. Тема која е исто така важна за земјите од западниот Балкан, бидејќи од неа ќе зависи и обемот на економската поддршка што ја планира Европската Комисија.
Дипломатски извори за МИА велат дека доколку се постигне консензус на амбасадорско ниво, можно е одлука за датум за почеток на преговорите и отворањето на првите поглавја да се донесе ова лето.