Бугарскиот телевизиски шоумен но и лидер на „Има таков народ“, Слави Трифунов, предложи владен кабинет по вчерашните парламентарни избори во земјата и покрај тоа што изјави дека нема намера да коалицира со другите партии а не е јасно дали воопшто ќе биде победник. Дури и да биде победник, неговата партија може да се надева на околу 60 мандати, што е далеку од мнозинство во 240 членото бугарско Народно собрание.
Најсилниот политички противник на ГЕРБ на Бојко Борисов го престави кабинетот во телевизиско обраќање, при што ги опиша и приоритетите на предложената влада.
Но, помеѓу ветувањата за нови градинки, патишта, болници, намалување на државната администрација, Слави Трифунов отиде до вселената. Како што изјави, ќе направи се што е можно да прати бугарски но и еден „северномакедонски астронаут“ во НАСА.
„Поднесување на апликација за членство на Бугарија во Европската вселенска агенција затоа што само Бугарија не членува таму. Ќе направам се што е возможно, да испратам маж и жена кои ќе бидат првите бугарски астронаути во НАСА. Ќе направам се што е возможно кон нив да се присоедини и еден северномакедонски астронаут. За да не гледаме надолу во земјата, од срам, туку да почнеме да гледаме нагоре, кон ѕвездите“,
изјави Слави Трифунов.
Вчерашните избори во Бугарија се практично повторување на априлските избори по кои ниту една партија не успеа да состави влада. Иако има поместувања во очекуваниот број на мандати, засега нема јасна слика дали воопшто ќе може да се направи влада или чекорот на Слави Трифунов е показател дека претстојат нови, трети избори.