Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) ќе побара од Финансиската полиција да го испита имотот на поранешниот генсек во Владата, а сегашен секретар во кабинетот на премиерот, Драги Рашковски. Ова доаѓа по објавата на „360 степени“ дека Рашковски вози луксузен џип што не е пријавен во неговиот анкетен лист.
„Доколку утврдиме разлика помеѓу имотот што е прикажан и месечните примања што ги има, таков е нашиот закон, тогаш одиме чекор понатаму за испитување на имотот и тогаш се вклучуваат и други институции, како Финансиската полиција. Тие имаат посебни методи за истражување и тоа ќе го докажуваат“,
рече Ивановска.
Според неа, неопходен е законот за потекло на имот, кој ќе побара информации секој граѓанин да докаже од каде му е имотот, врз основа на што го стекнал, дали е наследство, дали го купил, некој му го подарил или како било.
„Советот на Европа нѐ поддржува и ни обезбеди консултант со кој ќе го започнеме процесот за подготовка на овој закон, тоа е број еден потребен закон во државава“,
рече Ивановска на денешната прес-конференција.
„360 степени“ детално ја провери имотната состојба што Рашковски ја пријавил во Антикорупциската комисија. Од документите што ги обезбедивме преку барање за пристап до информации од јавен карактер, се гледа дека таму го нема џипот што го вози. Станува збор за „волво XC 90“ од актуелната генерација на моделот. Најновиот основен модел вреди 74 000 евра. Целата сторија може да ја погледнете ТУКА.