Претседателката на Државната комисија за спречувањето на корупцијата, Билјана Ивановска, за „360 степени“ подетално го образложи ставот на институцијата, која вчера заклучи дека нема судир на интереси кај уставните судии кои ја запреа владината Уредба со која сите избрани и именувани лица добија минимални наместо редовни плати во време на ковид-19 кризата.
Според Ивановска, независно од реакциите по одлуката на Уставниот суд, тоа што ДКСК го ценеле во случајот е единствено судирот на интереси, односно дали судиите имале или немале право да одлучуваат. Бидејќи владината Уредба, а со тоа и одлукаа на Уставен се однесува на сите избрани и именувани лица, ДКСК сметале дека нема судир на интереси.

„Во Уставот пишува дека единствена надлежна институција којашто ја оценува уставноста е Уставниот суд. Ја оценува уставноста и ја утврдува законитоста на законите и други поединечни акти. Имајќи во предвид дека Уредбите што ги носи Владата се со законска сила, значи од тој аспект гледано, Уставниот суд може да расправа и да одлучува дали одредена Уредба е во согласност со Уставот или не. Значи, нашето пошироко толкување на судирот на интереси е дека судиите може да расправаат за нешто што е од поширок јавен интерес. Тие се седум или девет на број, колку беа судии, расправаат за прашање кое се однесува на повеќе од 2 000 луѓе. Затоа рековме, не преовладувал единствено нивниот личен интерес“,
изјави претседателката на ДКСК Билјана Ивановска, за „360 степени“.
Доколку ДКСК одлучела да оди на најтесно толкување на судирот на интереси, како што имплицираа реакциите во јавноста, Ивановска вели дека би се довеле во апсурдна ситуација. Имено, во тој случај и ДКСК не би требало да дава мислење бидејќи Уредбата за исплата на минимални плати за избраните и именуваните лица ги опфаќа и нив, но го и опфаќа и оние кои ја донеле одлуката-членовите на Владата.
Ако тргнеме така, тогаш еве, дали па ние имавме право да кажуваме за судир на интереси. Која друга институција, освен ДКСК е овластена и има надлежност да одлучува за судир на интереси а и ние сме опфатени со таа уредба. Или, можеби и членовите на Владата можеби би биле во судир на интерес кога ја носеле Уредбата бидејќи таа се однесува и на нив. Или, пратениците, дали се во судир на интерес кога носат закони кои се однесуваат и на самите нив. Значи, мора малку да се гледа поширокиот интерес. Не станува овде збор само за личен интерес на поединец. Друго прашање е каква ќе биде одлуката на Уставниот суд. Значи, ние не навлегуваме во содржината на одлуката. Ние застануваме до линијата, дали Уставниот суд може да расправа или не може да расправа. Тука завршува нашата надлежност“,
изјави претседателката на ДКСК Билјана Ивановска, за „360 степени“.
Уставниот суд го запре минималецот за функционерите, судиите и обвинителите завчера.
На таквата одлука, но и на „образложенијата“ на дел од судиите на јавната седница имаше голем број на негативни реакции и од општата јавност и од извршната власт.