Претседателката на Антикорупциска во изјава за Телма ја отвора дилемата зошто Владата не е подносител на законот и зошто не е во редовна постапка. Реагира што нема образложение и како е избран токму овој конзорциум за стратешки партнер
За директните преговори со само една фирма претходно реагираа од Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата. Тие изразуваат загриженост од ниското ниво на транспарентност на процесот со кој Владата на Република Северна Македонија ја договара изградбата на автопатските делници
Се отвара патот американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ со директна спогодба и без тендер да ги гради автопатите од Коридор 8 и 10, објави ТВ ТЕЛМА. Група пратеници од власта веќе поднеле предлог закон кој бараат да се носи по скратена постапка.
Претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата, Билјана Ивановска во изјава за Телма вели дека доколку Собранието го изгласа законот, тие ќе го оспорат пред Уставен суд. Таа прашува зошто Владата не е подносител на законот и зошто не е во редовна постапка. Реагира што нема образложение и како е избран токму овој конзорциум за стратешки партнер.
„Тоа се закони со високи ризици од корупција и му укажуваме на Собранието да не го прифаќа понатаму како таков. Доколку се донесе ваков закон, ќе го дадеме на Уставен суд. Како тој закон ќе биде во согласност со Уставот?“,
вели Ивановска за Телма.
Владата пред три месеци соопшти дека потпишале Меморандум за соработка со „Бехтел и Енка“ за тие целосно да ги проектираат и изградат коридорите 8 и 10. Конзорциумот нуди „клуч на рака“, односно и проектирање и изведба на автопатите Тетово-Гостивар-Букојчани, Требеништа-Струга-Ќафасан и Прилеп-Битола. Бидејќи нема тендер, ќе има само една понуда на „Бехтел и Енка“, за што Владата директно ќе преговара. Но, зделката треба да се аминува и со посебен закон во Собранието.
Директните преговори со само една фирма жестоко го критикуваа од Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата. Тие изразуваат загриженост од ниското ниво на транспарентност на процесот со кој Владата на Република Северна Македонија ја договара изградбата на автопатските делници. Тие не гледаат оправданост за склучување на директен договор за реализација на инфраструктурни проекти, без да се примени Законот за јавни набавки.
Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски пак, во гостување на емисијата „360 степени“, го бранеше владиниот потег и најавуваше широка дебата.
„Апсолутно имаме право како Влада да размислуваме на сите можни начини за изградба на патишта. Притоа, недозволиво е да се влезе во постапки, во преговарање во четири очи, затоа што овде ќе бидат вклучени многу институции, многу експерти, консултантски компании, меѓународни реномирани компании, кои ќе работат на креирање, најпрвин на закон, а потоа и на договор и тие двата треба потоа да завршат во Собранието, каде што повторно ќе се отворат пред пратениците, пред опозицијата, ќе се разговара со сите страни и апсолутно нема да има ништо скриено“,
кажа Бочварски во гостување на „360 степени“.