Европските влади мора да преземат итни мерки насочени кон јавното здравство за да се спречи преоптоварувањето на здравствени системи со зголемување на бројот на заразени со ковид-19, предупреди денеска Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ЕЦДЦ).
Покрај значителното зголемување на заразата кај помладите возрасни групи, стапките на зараза се зголемиле и кај постарите, наведува ЕЦДЦ.
„Бројот на позитивни тестови постојано се зголемува од август, а има значителна ескалација во последните неколку недели“,
потенцираат од Европскиот центар за превенција додавајќи дека има поголем број случаи затоа што се зголемил процентот на позитивни резултати, а не затоа што се прават повеќе тестови.
Од друга страна, ранливоста на популацијата кон инфекции е сè уште висока, нивото на имунитет е пониско од 15 проценти во повеќето области, а вкупната стапка на смртност се зголемува повеќе од еден месец, наведува ЕЦДЦ во ажурираната процена на ризикот.
„Влијанието во однос на притисокот врз здравствените услуги и смртноста станува сè поочигледно“,
изјави директорката на ЕЦДЦ, Андреа Амон.
Во денешната објава за процената на ризикот, Европскиот центар за превенција нагласува и дека е потребно луѓето да се потсетат дека секој игра клучна улога во ставањето под контрола на епидемијата.
„Владите и јавните здравствени службеници итно треба да ги мотивираат луѓето повторно да ги следат препораките и да им стават до знаење дека ако се вложи епидемиолошката состојба тоа значително лошо ќе влијае врз јавното здравство, економијата и општество“,
наведуваат од ЕЦДЦ, додавајќи дека ако е потребно мерките може да се зголемат и со затворање на јавните простори и препораки да се седи дома.