Претседателката на ЕК најави и дека ќе ѝ се овозможи на Северна Македонија да учествува во заедничката европска набавка на течен и природен гас. Решивме, рече таа, дека сакаме да купуваме на глобалниот пазар заедно затоа што тоа ќе ни ја зацврсти и зголеми моќта

Претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, вечерва во Скопје најави дека до крајот на годината Брисел ќе одобри итна буџетска поддршка за Северна Македонија како една од мерките за помош во енергетската криза.
„Мојата порака денес за граѓаните е јасна. ЕУ е покрај вас, во ова сме заедно, ќе минеме низ ова заедно, ќе ја надминеме оваа криза заедно и ќе се придвижиме кон подобра иднина. Обезбедивме пакет за енергетска поддршка за целиот Западен Балкан, тој започнува со грантови – 80 милиони како итна буџетска поддршка за Северна Македонија кои треба да ѝ помогнат да се соочи со влијанието што зголемените цени на енергијата го имаат врз вашите граѓани и бизниси. Ова ќе го завршиме до крајот на оваа година за да можете да ги добиете средствата веќе во јануари“,
рече претседателката на ЕК на заедничка прес-конференција со премиерот Димитар Ковачевски.
Околу оваа мерка, премиерот, пак, посочи дека истите пари ќе може да се повлечат веќе во јануари 2023 и да се користат во најтешките месеци.
„Тоа значи дека тие финансиски средства во најтешките месеци – јануари, февруари и март, ќе може да бидат искористени за справување со енергетската криза односно за намени кои буџетот ќе ги предвиди за 2023 година, кој наскоро ќе биде одобрен од влада и ќе влезе во Собранието“,
рече Ковачевски.
Понатаму, претседателката на ЕК најави и 500 милиони евра во грантови за целиот регион, а кои ќе се однесуваат на инвестиции во енергетските конекции со Европа, за поголема енергетска ефикасност и за обновлива енергија.
„Треба да бидеме самоодржливи со енергија, обновливата енергија што ќе биде произведена дома, ќе отвора работни места, а тоа ќе нè прави независни од руските фосилни горива. Оваа поддршка ќе биде насочена преку т.н. Економски инвестициски план, кој како што знаете веќе функционира со инвестиции во ветерници и фотоволтаици. Ми беше мило што слушнав дека и вие планирате да ја интензивирате работата на тоа поле со новите интерконекции за гас меѓу вашата држава и Србија и Косово, што исто така се планира“,
рече фон дер Лајен.
Претседателката на ЕК најави и дека ќе ѝ се овозможи на Северна Македонија да учествува во заедничката европска набавка на течен и природен гас. Решивме, рече таа, дека сакаме да купуваме на глобалниот пазар заедно затоа што тоа ќе ни ја зацврсти и зголеми моќта.
„Ве покануваме да ни се приклучите, да бидете со нас за да одиме заедно на пазар“,
посочи фон дер Лајен.
Според неа, земјава ќе има корист и од сите одлуки што изминатите денови беа донесени во ЕУ за намалување на цените на гас и електрична енергија од причина што и ние сме дел од оваа енергетска унија.
Во обраќањето, таа испрати порака и дека Северна Македонија не е единствена што чувствува последици од руската воена агресија во Украина туку дека истиот притисок го чувствува и ЕУ.
„Русија продолжува да ја користи енергијата како оружје и манипулира со енергетските пазари, а ова резултираше со зголемени цени и на стабилноста на безбедното снабдување. И да, за жал, и Северна Македонија е погодена од тој удар. Бидете сигурно дека и ние го чувствуваме истиот притисок, но нема да се предадеме. Нема да отстапиме ниту еден сантиметар, она што го покажуваме во ЕУ значи солидарност и обединетост и со Северна Македонија, затоа што сме заедно, а тоа значи дека оваа криза ќе ја решиме и надминеме заедно“,
порача фон дер Лајен.
Покрај за помошта што ќе ја понуди Брисел, дел од темите на која зборува фон дер Лајен вечерва во Скопје беа и преговорите на земјава со ЕУ и тоа што на македонски јазик се потпиша Договорот за Фронтекс.