Сите училишта и факултети во Италија ќе бидат затворени до 15 март со цел да се стопира ширењето на коронавирусот, информираше министерката за образование Луција Азолина, а пренесе новинската агенција Анса.
„За владата тоа не беше лесна одлука. Чекавме мислење од научно-техничкиот одбор и одлучивме да ги стопираме наставните активности до 15 март“,
вели Азолина.
Се затвораат и киносалите и театрите, а се забрануваат и јавни настани во целата земја.
Според последните податоци, во Италија има 107 починати лица како резултат на коронавирусот, а заразени се вкупно 3069 лица. Бројот на починати вчера порасна за 28, а бројот на заразени за 587.
Пред десетина дена италијанската влада ги затвори училиштата и универзитетите на северниот дел на земјата, каде што коронавирусот е најраширен. Во целосна изолација се и десетина места кои беа жаришта на епидемијата.
Италија е трета најпогодена земја во светот, по Кина и Јужна Кореја, а е прва европска земја по бројот и на заразени и на починати лица.
Светската здравствена организација (СЗО) во последното соопштение информираше дека во моментов има вкупно 90.893 пријавени случаи на коронавирус (Ковид-19) на глобално ниво и 3.110 смртни случаи.
Во изминатите 24 часа Кина пријави 129 случаи, што е најмал број од 20 јануари. Надвор од Кина пријавени се 1.848 случаи во 48 земји, а 80 проценти од случаите се во Јужна Кореја, Иран и Италија.
Вкупно 12 држави пријавиле први случаи, а во моментов има 21 земја со по еден случај. Вкупно 122 земји не пријавиле ниту еден случај на зараза.